Своевидна историја испишуваат настаните по откривањето на скандалот со Онкологија и криминалот со скапата биолошка терапија. Се случи за прв пат Јавното обвинителство да повика претставници од пациентите на Клиниката за онкологија да влезат во истрагата и да бидат дел од поголемиот тим кој работи на откривање на криминалот. Во емисијата „Стадион“ на Канал 77, пациентката Ана Марија Марјановиќ раскажа како се случило учеството на пациенти во работата на тимот во Обвинителство.
-По првиот протест добив приватна порака. Кого застанавме пред ОЈО (бевме една вечер пред ОЈО) бев тотално во шок кога побараа да не’ примат. Јас не се сеќавам дека ОЈО во предистрага дозволил приватни лица кои не ги познаваат, да ги повикале да учествуваат во истрагата. Ние јавно објавивме и ги повикавме заинтересираните. Се пријавија, беа примени од Обвинителството и ништо не било сокриено . Тое се тие мали работи кои ми даваат надежи дека нешто ќе се промени, кажа Марјановиќ.
Како што објасни во „Стадион“, претставничките на пациентите почнале да одат кај обвинителите и да учествуваат во нивната работа. Според нивните видувања, таму сериозно се работи на многу обемна документација од тимот предводен од две обвинителки. Како што рече Марјановиќ, тоа се многу обемни истории на болест на пациентите, кои во моментот се разгледуваат.
-Тоа се томовски книги, кои треба да ги разгледаат. Да не се откажуваме предвреме, иако свесна сум како функционираат работите во Македонија. Ние се обидуваме нешто да направиме. Критичарите ќе ги прашам: „Добро што правите вие“?! Сите сме силни на Фејсбук. Има два излеза – или сум во право што сум истапила или ќе бидам излагана. Не може без притисок. Пацинетите се таму за обвинителите да знаат дека дошла самохрана мајка на едно дете или жена со семејство. Да стојат таму за да знаат додека работат, дека за живи луѓе се работи. На Онкологија ке стигнеме сите, дали ние или некој од нашите семејства. Дали ќе бидат затворени виновниците, не знам, вели Марјановиќ.
Новинарката Ирена Мулачка, која го откри скандалот на Онкологија, нема значајни очекувања од истрагата и како што рече, најмногу што очекува е некој да одговара за делото „Несовесно работење“. Но, тоа што го направи истрагата и влезот со полиција на Клиниката, е големо изненадување и за јавноста и за лекарите и медицинскиот персонал.
-Бев шокирана од тоа што го направи МВР. Ваков упад на Клиника немало. Сите биле шокирани. Мислам дека ова ќе влијае да се сменат работите, потегот да влијае и на лекарите и медицинскиот персонал дека не се работи за експериментални глувци, дека пациентите не се експериментални глувци. Не е оправдување изговорот: „Ние со годни работиме овде, научени сме да умираат“. Се работи за една екипа од 15-20 луѓе која делувала последните години. И претходните директори имале кривични пријави за тендерски постапки и слично, но вакви размери и ваква шема добро организирана до сега немало, рече новинарката Мулачка.
Таа ги разјасни заблудите во јавноста за толку споменуваната медицинска сестра која добила отказ откако била фатена со лекови. Според Мулачка, се работи за сосема други лекови и нема врска со организираната криминална група на Онкологија.
Ана Марија Марјановиќ рече дека проблем е што бројот на онколози кои дијагностицираат е сведен на пет и побара поголема превентива со засилување на јавните кампањи.
-Кампањите се сведуваат на октомври – треба сериозно да се работи, превенцијата е многу голем дел во борбата против карциномот. Многу е мал бројот на онколози има само пет кои може да ве дијагностицираат. Дијагностиката во светот се базира и на генетски испитувања, со што е помал е трошокот на државата во лекувањето. Ако го имате генот или постојат предиспозиции се следи. Македонското здравство посебно во превенција треба да се земе многу поздраво. Колку едуцираме на пример во средните училишта?, праша Марјановиќ.
Во „Стадион“ беше вклучен и министерот за здравство Фатмир Меџити, кој рече дека не може да сподели детали од истрагата, но кажа дека на Клиниката веќе се работи со поинаква организација, намалено е времето на чекање, а раководителите на 12 одделени секојдневно заедно ги дискутираат терапиите и лекувањето на пациентите. Најави и нов централизиран систем на Радиологија, со тоа што многу побрзо ќе стигнуваат резултатите и ќе може онлајн да се читаат од секое место и во секое време, што го решава проблемот на долгите чекања на резултати.
В.К.