По почетокот на работите на Коридорот 8 кај Гостивар, денеска официјално почна да се работи и на Коридорот 8 на патот Прилеп – Битола, дел од проектот на Бехтел и Енка. На оваа делница први влегуваат багерите, булдожерите и другата градежна механизација на битолската компанија „Стентон градба“. Оваа компанија беше споменувана како една од трите кои ќе работат на коридорите.
Во разговор за Канал 77, менаџерот Гоце Стојаноски потврди дека „Стентон градба“ е избрана од Бехтел и Енка за подизведувач на Коридорот 8.
Како што објасни Стојаноски, преговорите траеле со месеци, со постојано дополнување на нова документација, што ја барале од американско – турскиот конзорциум.
-Ние имаме искуство со нискоградба, имаме сопствено производство на бетон, градежна механизација. Бараа референци, документација, работни биографии на персоналот. Почнуваме со подготвителните работи по проектите кои се изработени, изјави Стојаноски од „Стентон градба“.
Стојаноски не можеше да каже други детали околу роковите и текот на работите, со образложение дека ќе работат позиција по позиција.
„Стентон градба“ е компанија, кој работи на крупни градежни проекти, со што влезе во друштво на вкупно 37 подизведувачи на коридорите до сега, како што објасни проект менаџерот на Бехтел и Енка.
Засега никој не ги потврди медиските шпекулации дека фирмата Еуровиа, еден од најголемите донатори на ДУИ ќе биде еден од подизведувачите на Бехтел и Енка и ќе работи на изградбата на автопатиштата на Коридорот 8. Проект менаџерот на американско – турскиот конзорциум рече дека изборот на подизведувачите е направен според нивните строги и прецизни критериуми, компании кои ќе треба да одговорат на динамиката на работите на терен.
фото: Стентон градба