Комбајни и земјоделска механизација денеска влегоа во нивите во Кочанско, со што го означија почетокот на жетвата на оризот од овогодишната реколта.
Првите количини оризова арпа се собраа во атарот на Зрновци, а оризопроизводителите искажаа оптимизам од квалитетот и приносот на родот.
Од водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани, која стопанисува со хидросистемот во источниот регион, нагласија дека наводнителната сезона успешно е реализирана и завршена, со зголемување на површините со ориз за над една четвртина во споредба со првичните проценки.
-Водата во оризовите ниви оваа сезона ја пуштивме на 10 април и точно по пет месеци почна жетвата на оризот, што е за околу две недели порано во однос на минатата година. Со добро планирање и распоред на наводнувањето во текот на летниот период, обезбедена е нормална вегетација на растението кое веќе е созреано и може да се собира, а присуството на комбајните во нивите е потврда за тоа. Наскоро очекуваме жетвата да почне и во атарите на другите села во кочанскиот, но и во виничкиот регион, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“.
Годинава на полињата што се наводнуваат од хидросистемот „Брегалница“ беа засеани околу 3.500 хектари со ориз, од кои според просечниот принос се очекува да се соберат над 22 илјади тони оризова арпа.
МИА