Од вторник се очекува да важат новите цени на основните прехранбени продукти, кои треба да бидат намалени најмалку за 10 отсто. Акциите по маркетите се забрануваат и тоа ќе важи до 30 ноември, а ако треба и понатаму. Ова го најави министерот за економија, Крешник Бектеши, кој оценува дека има енормно високи цени се продукт на желбата за профит на трговците, кои наспроти светскиот пад на цената на храната и натаму профитираат врз грбот на граѓаните. Како илустрација го даде податокот дека ако во светот порастот на цената на храната е 23 отсто, кај се енормни 47 отсто. Ланската, кризна година, вели Бекташи, најголемите синџири на маркети не само што ја завршиле позитивно, туку и со профити.
-Затоа Министерството за економија прати предлог до Владата да се забрани да се нуди акциска продажба и промоција на продукти од страна на синџирите маркети до 30 ноември. Изгледа чудна одлуката дека ќе им скрати на граѓаните, но не е така, затоа што наредната недела ќе проследиме одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија. Одредени синџири на супермаркети прават измама со можноста да направат акции со намалени цени или кампањи. Затоа, за да бидат на чисто граѓаните нема акции, туку точно ќе се знае цената, а не да се калкулира дневно, изјави Бектеши.
Тоа значи дека прво ќе се намалат цените за најмалку 10 отсто и повеќе линеарно на сите прехранбени продукти и потоа точно ќе се знае колку е цената на одреден продукт. Тоа е со цел, како што објасни министерот, да не даде можност трговците да манипулираат.
Бектеши за во понеделник најави состанок со 7-8 големи синџири на маркети, а веќе од вторник објавување на намалените цени на секој продукт. Пазарните инспектори ќе контролираат на терен, а се размислува за донесување на нов закон за нефер трговски практики.