Најранливите категории граѓани, пред сѐ пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, младите, односно студенти и средношколци ќе добијат државна помош со прераспределбата на Буџетот кој е доставен до Собранието – соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, најавувајќи ригорозни мерки за зголемувањето на цените во малопродажбата.
Одговарајќи на новинарски прашања тој ги потврди најавите на министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и потврди дека вчера за ова разговарале со министрите за финансии и економија, кога биле разгледани и економски анализи.
-Помош ќе добијат најранливите категории, како пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, но секако исто треба да се поддржат и младите, кои не заработуваат заради тоа што се студенти, средношколци. Сметам дека антикризните мерки пак треба да бидат обемни и треба да ги опфатиме повеќе граѓаните кои имаат потреба од дополнителни финансиски средства во зимските месеци од четвриот квартал од оваа година и првиот квартал од следната. Тоа се категории на граѓани, кои не можат да остваруваат дополнителни приходи, рече Ковачевски.
Тој информираше дека вчера со министрите за економија и за финансии разговарале за движењето на цените во малопродажбата и оти забележале нивно нереално зголемување.
– Она што го увидовме од статистичките анализи изработени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти се забележува зголемување на цените и профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи ќе бидат предложени ригорозни мерки од Владата и нема да има пардон. Сигурно ќе има негодувања, но нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ на сметка на граѓаните, кои треба да врзат крај со крај, нагласи претседателот на Владата.
Посочи дека во опција е и замрзнување на цените, нагласувајќи дека мерките ќе бидат ригорозни.