Основното јавно обвинителство Скопје води предистрага за случајот на Онкологија, кој беше обелоденет преку низа истражувачки новинарски стории. Поради обемот на случајот, предистрагата ја водат двајца обвинители, а доколку е потребно, ќе се вклучи и трет. Ова се информациите кои со медиумите ги споделија онколошките пациенти кои денеска беа повикани на средба во Обвинителството.
Средбата следува по протестот за скандалот на Онкологија преку кој јавноста побара одговорност. Додека надлежните утврдуваат дали, кој, како и кога манипулирал со терапиите за болните од рак, оние кои ја имале оваа дијагноза беа повикани на средба со обвинителите Гаврил Бубевски и Ана Гоговска. Пациентите бараат доследност и транспарентност во постапката и очекуваат дека средбите ќе продолжат.
„Бараме да се направат детални испитувања и длабински да се прочешлаат медицинските истории. Да се утврди листа на лекови за кои постои сомнеж дека биле предмет на манипулација и да се види дали се работи за венска, или и за таблетарна терапија. Бараме одговор на прашањето – колку години наназад се случува ова“, изјави Анжелика Колева, дијагностицирана со рак на дојка.
Пациентите бараат да бидат одбрани неколкумина од нив кои ќе имаат континуиран увид во истрагата и ги повикаа сите кои имаат какви било информации или докази да им бидат „сојузници“ на институциите за да се утврдат евентуалните сторители.
Тие најавија дека протестите ќе продолжат бидејќи бараат правда за сите изгубени животи. Меѓу другото, апелираа креаторите на политики во државата конечно да создадат политики за подобар здравствен систем, но апелираа случајот да не се партизира и се оградија од секаков говор на омраза.
Одговарајќи на новинарското прашање дали сестрите и докторите сè уште работат на Онкологија, пациентката Ана Маријановиќ истакна дека тие ќе продолжат да бидат таму бидејќи од нив им зависат животите на пациентите и им оддаде благодарност на оние што и во вакви услови продолжуваат да се грижат за пациентите. Во врска со истрагата, Маријановиќ рече дека таа се базира на она што беше објавено од новинарка како нејзина истрага и дека не знаат до каде е истрагата на Обвинителството и што тие имаат како дополнителни информации.
„Она што е наше овде да го кажеме е дека има луѓе кои и досега, и после она што е дел од истрагата се јавиле да си го кажат своето. Нашата идеја е да повикаме уште повеќе. Колку сме помасовни во изјавите, во проблемите, толку оваа работа повеќе ќе се разреши“, додаде Маријановиќ.
Доколку некој од граѓаните сака да достави пријава за ваквиот случај до Обвинителството, тоа може да го стори на електронската адреса osnovnojavnoobvinitelstvo.skopje@jorm.mk или на телефонскиот број 076 304-872 по што ќе им бидат запишани податоци за да ги контактира јавен обвинител.