Нови измени на Кривичниот законик. По онаа во 2018 година, повторно ново намалување на казните за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување. Измените се во име на усогласување со европските закони и под европско знаменце е образложението на Владата, според опозицијата се прави „тивка асимилација“. Според албанска опозиција измените на законот ќе му ја отворат ширум вратата на поранешниот премиер Никола Груевски, според Груби измените на КЗ се ексклузивно барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски уште од 2018 година. Законот кој Собранието го донесе по итна постапка, го поднесе заменик- министерката за правда, Викторија Аврамовска Мандиќ, неофицијално министерот Лога не се согласувал со овој закон,тврди албанската опозиција.
Клучните промени се во членот 353. Се намалува казната за злоупотреба на службената положба, па наместо од најмалку 3 години, ќе биде огрничена од 1 до 4 години.. во овој член целосно се брише и ставот за злоупотреби при јавни набавки, кој предвидуваше најмалку 5 година казна затвор, а најдрастичното намалување има за казните за злосторничко зружување – од 10, на максимални 3.
Намалување на казните имаше и во 2018 година, пред донесувањето на Преспанскиот договор, тврди Тасева
Ова беше изненадување за стручната јавност а посебно на тие што се залагаат за поголема ефикасност во борбата против корупцијата и за санкционирање на лицата коишто се обвинети или за кои се водат постапки за коруптивни кривични дела, вели претседателката на Транспаренси интернешнл, Слаѓана Тасева.
„Со измените се намалуваат казните за кривичното дело злоупотреба на службена положба и уште повеќе се брише ставот 5 од членот 353, којшто предвидуваше казна затвор од најмалку 5 годи за оние кривични дела коишто се сторени во сферата на јавни набавки или на штета на буџетот. За овие дела на почетокот имавме казна затвор од најмалку 7 години, па потоа се намали на 5 а сега целосно се укинува во услови кога имаме сериозни индиции и поднесени пријави и обвиненија за кривнични дела поврзани со јавните набавки. Да се потсетиме само на оние коишто се однесуваат на проектот „Скопје 2014“. Исто така максималната казна за кривичното дело-злосторничко здружување се намалува од 10 години на 3 години. Значи ние со тоа оневозможуваме примена на други мерки кои се предвидени во КЗ. На овој начин не само што се намалуваат казните за конкретните дела, исто така се се намалува и должината на времето за нивното застарување, но и се ускратува можноста за примена на одредени мерки коишто спаѓаат во сферата на посебни истражни мерки со коишто треба да се гони овој тип на криминал,“ тврди Тасева
Според неа овој закон е закон којшто се носи по мерка, по нечија потреба т.е нарачка
„Затоа што ваква ситуација на измени на КЗ имаше пред да се потпише Преспанскиот договор. Тогаш се намалија казните во КЗ и со тоа определени лица беа ослободени од притвор и се запреа кривнични постапки. Мислам дека повторно имаме една таква ситуација,“ додава Tасева.
Измените на законот значат амнестија на функционерите -потенцијални сторители на кривични дела, смета опозицијата
Опозицијата ја обвини Власта дека го злоупотребува европското знаменце но и дека измените на КЗ водат кон амнестија на функционерите – потенцијални сторители на кривични дела.
„На шверцерски начин со злоупотреба на европско знаменце Владата на СДСМ и ДУИ ги носи измените во Кривичниот законик, генерално во два члена, а тоа се членот кој што го опфаќа делот за злоупотреба на службена положба и вториот член тоа е злосторничко здружување, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Според него за да го овозможат тоа и како што кажа за да се прикрие криминалот на владата на СДСМ-ДУИ, владејачката коалиција на законот додаде некои други членови, кои не се суштински на овој закон.
Тој рече дека дури и да го носат законот со златно знаменце, а не со европско, секој што се огрешил пред законот, а за кој постојат докази, ќе одговара.
„ Втората моја порака до нив е и со златно знаме да го донесат овој закон, има можности веднаш после падот на оваа криминална влада сите оние кои што сториле криминал, а за кои што постојат докази да одговараат и јас ви ветувам дека ќе одговараат,“ додаде Мицкоски.
Албанските партии Алтернатива, движење Беса и Демократско движење сметаат дека измените во Кривичниот законик се прават да се спаси Никола Груевски.
„На Владата и на парламентарното мнозинство на оваа Собрание му се брза за усвојување на измените на Кривичниот законик“- основната причина поради која се прават овие измени во Кривичниот законик е што е можно побрзо во Скопје да се врати, без трн во ногата, Никола Груевски,“ вели пратеникот Фадил Зендели.
Според Груби, измените во КЗ се хармонизација со европското право а се и ексклузивно барање на Мицковски и ВМРО ДПМНЕ
Измените во Кривичниот законик се ексклузивно барање на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште од 2018 година, но тие се и со цел хармонизација со европското право, изјави вицепремиерот Артан Груби.
„Измените во Кривичниот законик се во согласност со правилата на ЕУ, тоа е забрзана постапка и со ѕвезда на ЕУ. Вчера започна постапката во Собранието и немаше политичка партија која беше против. Има и други членови кои се ставени бидејќи и тие беа иницијатива и барање на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Груби .
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ги демантираше обвинувањата на Груби дека измените на КЗ се носат по претходен договор со власта.
Сепак пратениците на ВМРО-ДПМНЕ останаа во Собранието, гласаа против, но обезбедија кворум за да се спроведе гласањето.
Со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик.
Според претседателката на Транспаренси интернешнл, Слаѓана Тасева сето ова ќе доведево уште поголемо намалување на владеење на правото, зголемување на неказнивоста во државата и уште поголема загриженост и недоверба и во власта и во правосудниот систем.
„ Не смееме да дозволиме по цена на казнување за борба против корупцијата, да се случуваат политички процеси,“ вели Тасева.
Што предвидуваат измените во Кривичниот закон?
Се брише казната затвор од минимум пет години за местење тендери. Максималната казна затвор за „злосторничко здружување” се намалува од 10 на три години. Се укинува проширената конфискација за нелегално стекнат имот.
Дел од измените, кои според Владата се во име на усогласување со европското законодавство, се однесуваат и на казните за службените лица и тоа главно се ориентирани кон намалување на казните. Овој закон произлегува од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ.
Во член 353 став 3 од стариот Кривичен законик КЗ пишува: Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
Со предложените измени се предвидува сторителот да се казни со казна затвор од една до 4 години. Се воведува горна граница, од која се пресметува застареноста, а во актуелното законско решение нема горна граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку 3 години, а тоа значи дека горната граница се поставува на 20 години.
Се предлага да се избрише ставот 5 од членот 353 кој предвидува затворска казна од најмалку пет години затвор за злоупотреба на службната положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. Во овој член се предлага да се вметне став за одземање на прибавената имотна корист.
Во членот 353-в за делото „несовесно работење во службата“ минималната казна е три години затвор за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист. Актуелната власт сега предлага намалување за шест месеци, а максимална казна до пет години.
Во врска со делото злосторничко здружување, членот 394, став 1, сега предвидува: „Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до 10 години“.
Со предложените законски измени, пак, се предвидува дека пропишана санкција до 10 години се намалува на најмногу 3 години.
Освен за лидерот, се предлага намалување на казните и за членовите на групата или бандата кои ќе извршат кривично дело од максималната казна затвор до 5 години, се предлага намалување на максимални 2 години.
Предложените решенија (намалувањето на предвидените казни) во член 353 како и бришењето на некои ставови се движат во насока да бидат на линија на новиот концепт во којшто се има направено стандардизација на критериумите за одмерување на казните. Во таа смисла се и корекциите на членот 353-в и 394 од КЗ“, се вели во владиното образложение за измените во КЗ. Таков е концептот и на новиот КЗ на РСМ кој со предложените решенија (намалувањето на предвидените казни) во член 353 како и бришењето на некои ставови се движат во таа насока – да бидат на линија на новиот концепт со кој се прави стандардизација на критериумите за одмерување на казните.
В.Крстева