Првиот вицепремиер на Владата Артан Груби од Тетово најави дека механизацијата која ќе работи на изградба на автопатиштата предвидени во Коридор 8 е на пат кон државата. Откако на почеток на јуни беше означен почетокот на геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар, сега според владините министри ќе се почне и со градежни работи.
– На 12-ти започнуваат градежните активности над село Дебреште, а досега проектирањето оди во одлична форма од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ и кај сите компании коишто се ангажирани. Тие веќе имаат закупено огромен дел од механизацијата којашто е на пат кон нашата земја и веќе како што гледате градежни работи се вршат насекаде, ќе продолжат и со Коридорот 8, со минирање на планината над Дебреште, и на трансфер на цел тој материјал, на новиот автопат Тетово и Гостивар којшто ќе се изгради, информираше првиот вицепремиер Артан Груби денеска по увидот кој владините функционери го направија по повод обновата на автопатот Скопје-Тетово исто така дел од Коридор 8.
На новинарско прашање кога ќе може да се очекува завршување на автопатот од Охрид до Кичево, министерот Благој Бочварски е со став дека за сите патишта коишто се почнати ќе се прават максимални напори да се завршат.
– Овде станува збор и за оваа делница којашто се рехабилитира и за автопатот Кичево-Охрид којашто ја затекнавме со голем број на проблеми. Проблемите се решаваат, се отклонуваат, веќе се тестира третиот слој на асфалт и се започнува со третиот асфалт, се прави избор на заштитната ограда на овој автопат и ќе започне асфалтирањето на третиот слој. Така што, ние ќе направиме се, ги правиме сите координации, притисоци изведувачите да си ја завршат својата задача, бидејќи институциите својата задача си ја завршија. Да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Пред некој ден се заврши клучката кај аеродромот Охрид и е пуштена во сообраќај, така што продолжува секој оној дел којшто ќе биде приспособен согласно стандарди, процедури, да биде безбеден и да биде пуштен во сообраќај. Ќе почне од Охрид кон Подмоље асфалтирање на третиот слој и продолжуваме кон аеродромот Охрид, Ботун и кон Кичево, изјави Бочварски.
Владините функционери информираа дека преку саеми за вработување продолжуваат да се вработуваат работници за изградба на Коридор 8.
– Огромен интерес има и Владата сите тие две илјади работни места да се пополнат од наши граѓани. Платите се многу конкурентни, работните места се најразлични и се надевам дека ќе аплицираат граѓани и ќе ја видат шансата да се стекнат со огромно искуство работејќи за голем конзорциум како што е Бехтел и Енка, изјави Груби.
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми на дел од Коридор 8 се очекува да се направи и обиколницата за Тетово.
– Очекуваме за две недели да завршат и да имаме избор на градежна фирма за обиколница на Тетово и за надзор на обиколница на Тетово. Ако успееме за овие 10-15 дена да ги избереме и да заврши таа процедура очекуваме во почетокот на октомври да започнеме со градбата на обиколницата Тетово којашто е многу потребна за градот Тетово, изјави Ејуп Рустеми.
Воедно, според Рустеми, деновиве ќе почне вонреден режим на сообраќај поради градежни активности за модернизација на двете патарини помеѓу Скопје и Тетово, Глумово и Желино, по што за шест месеци ќе има можност за електронско плаќање.