Комплетни учебници во основното оправдание има само за прво и второ одделение. Третоодделенците немаат ниту еден учебник, додека за останатите одделенија нема по неколку различни учебници. Допрва следи печатење, дистрибуција и преведување. Ќе нема учебник по математика, а ниту има распишан јавен повик за автори. За шесто одделение, кои од годинава почнуваат да работат според новата концепција, фалат дури 10 учебници по десет предмети.
Цел попис со учебници кои на први септември не се доставени до учениците, а како што стојат работите, тешко да стигнат наскоро, изработи Дражвната комисија за заштита од дискриминација врз основа на информацијата што на нејзино барање ја составило Министерството за образование и наука.
Според овој извештај, од прво до деветто одделение по различни предмети, потребни се 126 различни учебници, на неколку јазици. Од нив, на почетокот на учебната година недостасуваат дури 43 или 34 отсто.
Различни се причините за немањето учебници. Како што соопшти претседателката на Комисијата, Весна Бендевска, нема учебник по македонски јазик за учениците, кои учат на албански, турски, српски и босански јазик од 4, 5 и 6 одделение, иако имаат обврска да учат македонски јазик. Авторите биле несоодветни, според објаснување на МОН. Учебникот за 5 одделение бил одобрен, рецензирана и лекториран, но Националната комисија за учебници го отфрлила како несоодветен.
Учебникот Историја и општество за петто одделение, кој беше одобрен од ноември 2022 , испечатен и дистрибуиран , но поради клучни грешки, како таа дека Бугарија е наш западен сосед, е повлечен во мај. МОН, според Бендевска, тврди дека обезбедила нов авторски тим и работи на нов учебник.
Учениците од 6 одделение немаат учебници по ниту еден задолжителен предмет, вкупно 10. Учебници по историја и општество нема ниту еден ракопис.
Учениците од 7,8 и 9 одделение наставната програма ќе ја следат по старата програма и ова претпоставува дека ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија, кој иако одобрен, не може да користи, поради проблем со преносот на авторските права од авторот.
За случаите каде за изработка на учебник не пројавил интерес ниту еден автор, Бендевска вели дека законска обврска е на министерот, во таков случај, тој да повика, да назначи автори кои ќе изработат учебник.
– Вкупно 20 учебници по странски јазици за сите одделенија се уште немаат одобрение за употреба кој го дава Педагошката служба, а се во напредна фаза на одобрување. Тоа трае до 20 дена до три месеци, па не може да се претпостави кога ќе има учебници, изјави Бендевска.
Бидејќи правото на образование е основно човеково право, со останување без учебник, учениците остануваат без основно средство за стекнување знаење. Тоа е структурно системска празнина и Комисијата има право да покрене јавна тужба против јавните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата. За тоа дали ќе биде поднесена јавна тужба, Комисијата ќе одлучува на првата наредна седница.