За прв пат кочничар на ЕУ интеграциите доаѓа од внатре во државата, во името на ВМРО ДПМНЕ, рече премиерот Димитар Ковачевски, според кого, некој 11 години сакаше да промовира и продава културен, историски и финансиски патриотизам. Во тоа време ги подгреваше чувствата на граѓаните кои се одразуваат негативно на односите на соседите и внатре во општеството и државата, со што од лидер на интеграциите заедно со Хрватска пред 17 години, стана заробена држава, со лоши перформанси.
-ВМРО наликува на папагал и по секоја мој изјава пак го повторуваат истото дека сакаат избори. Да ги прашате колку е саат – велат: „Избори“. Имате ли план што после изборите? „Избори!“ Тоа го правеа 11 години. Имавме избори по избори и државата не мрдна ни милиметар. И ако ги погледнете позициите на ВМРО, вие ќе видите дека нема ниту еден европски и американски политичар кој ги брани ниви ставови. Има само еден политичар кој ги брани нивните ставови, а тоа е Никола Груевски од Унгарија, изјави Ковачевски.
На прашањето кога ќе продолжи седницата за уставните измени, одговори: „ Седницата започна, ќе продолжи тогаш кога ќе има доволен број на пратеници кои ќе ја поддржат оваа одлука“.