Јавниот градски превоз низ градот Штип, но и низ приградските населби и до селата во Општина Карбинци почнува од утре, најави на денешната прес-конференција директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски. Посочи дека согласно возниот ред има шест активни линии на територија на двете општини.
-Во тек е постапка за обновување, адаптирање и брендирање на автобуските постојки, па во нај кус можен рок на самите постојки ќе има објавени мапи и информации за активните линии и возните редови. Во истиот период , се работи на мобилна апликација која ќе си содржи сите потребни информации за општинскиот линиски превоз и која преку GPS ќе го следи движењето на возилата во реално време и реална локација. Со тоа граѓаните ќе имаат увид за колку време возилото ќе биде на одредена постојка, вели Стевановски.
Посочи дека првите три дена од општинскиот линиски превоз ќе бидат бесплатни за сите граѓани, а потоа возењето ќе се наплатува по ценовник кој исто така веќе е објавен на фејсбук страната на ЈП Стипион и на Општина штип.
– Граѓаните ќе имаат можност да изберат помеѓу единечни и повратни дневни билети, како и месечни и годишни билети по достапни и прифатливи цени. Дневните билети за почеток ќе се издаваат во автобусите, а месечните и годишните билети ќе се издаваат во наплатниот центар во Општина Штип, кој веќе функционира за потребите на одделението за паркинг. Општинскиот линиски превоз ќе биде бесплатен за сите ученици во основните и средните училишта, како и за децата до петгодишна возраст и лицата со инвалидитет и попреченост. На овие лица по претходно приложени документи во наплатниот пункт ќе им биде издадена потврда за бесплатно користење на превозот, рече Стефановски.
На располагање се седум возила со капацитет од 29 до 107 патници, од кои шест се нови со сите технички, безбедносни и еколошки стандарди и адаптирани за користење на лица со инвалидитет. Сите возачи се со долгогодишно, професионално искуство и со сите потребни лиценци за работа.
-Општинскиот линиски превоз ќе биде од голема полза за граѓаните, ќе обезбеди брз, безбеден, економичен и еколошки превоз, а во исто време ќе допринесе за намалување на метежот во сообраќајот, паркирањето и зголемувањето на безбедноста на граѓаните на Штип, вели Стефановски.