„Дали некој знае кога ќе има пензии?“ и „Кажаа ли кога ќе легнат пензиите?“ се најчестите прашања што деновиве можат да се сретнат по групите на социјалните медиуми. Праксата исплатата да почнува пред да заврши месецот на три дена пред крајот, е поводот за овие прашања деновиве од пензионерите, кои навикнаа на предвремената исплата.
Случајно или не, додека траат протестите на пензионерите низ државата, Министерството за труд и социјална политика соопшти дека пензии редовно ќе има, ама од први во месецот.
-Министерството известува дека со исплатата на пензијата за месец август се враќа редовниот начин на исплата наместо предвремената исплата на пензијата воведена поради прогласувањето на пандемија во државата и донесените мерки за заштита од корона вирусот. За време на траење на пандемијата, во соработка со деловните банки, се вршеше предвремена етапна исплата на пензиите во четири групи, како дел од препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот кај пензионерите како најранлива возрасна група, а со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје, информираа од МТСП.
Министерството појаснува дека одлуката е на деловните банки преку Македонската Банкарска Асоцијација (МБА) кои ја прекинуваат досегашната пракса за предвременото исплаќање на пензиите, со тоа што пензиите ќе се исплаќаат на 1-ви во месецот директно од буџетот на државата.