Генерал-мајор Андреј Аверјанов, шеф на тајната оперативна единица на руската воена разузнавачка служба (ГРУ), би можел да ја преземе платеничката војска „Вагнер“ по смртта на Евгениј Пригожин, претпоставуваат западните разузнавачи, а пренесува информер.рс.
Според западните разузнавачи, рускиот претседател Владимир Путин има план да ги прекине сите врски меѓу „вагнерите“ и Пригожин и да ги стави нивните борци под воена контрола.
Британското разузнавање има информации дека Путин го избрал Аверјанов да го води „Вагнер“ откако им наредил на членовите на таа група да потпишат договор со руското Министерство за одбрана, доколку сакаат да се вклучат во некакви воени активности.
-Аверјанов беше виден минатиот месец на самитот Русија-Африка, каде што им се претстави на африканските лидери. Тој треба да ја преземе мрежата „Вагнер“ во Африка – пренесуваат британските медиуми сознанија од нивните разузнавачи.
Според нивните изјави, планот на Путин е да го потисне влијанието на „Вагнер“ и Пригожин во Африка, а „музичарите“ да ги замени со приватна компанија на чело со Аверјанов, контролирана од ГРУ.
Кога станува збор за самиот Аверјанов, британските разузнавачки служби наводно имаат информации дека тој е дури и одговорен за смртта на Пригожин. Според сознанијата на Британците, Аверјанов ја дизајнирал целата операција за ликвидација на главата на „Вагнер“ во авионска несреќа и тоа по наредба на Путин. Иако Москва остро го негираше ова, британските разузнавачи не се откажуваат од таа теорија.
Британците го обвинуваат Аверјанов и за настаните во странство, за кои сметаат дека Русија стои зад нив. Се вели дека тој ја води единицата 29155 ГРУ, која врши операции низ светот по наредба на Владимир Путин. Британците го означија како организатор на обидот за труење на поранешниот руско-британски двоен агент Сергеј Скрипал во Солсбери во 2018 година. Аверјанов е обвинет и за наводниот обид за државен удар во Црна Гора во 2016 година, за кој се покажа дека е лажен, како и за наводната кампања за дестабилизација на Молдавија и за труењето на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев во 2015 година.
ГРУ – Главна дирекција на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, е служба која е создадена во 1992 година, по распадот на СССР. Таа е задолжена за тајни операции на специјалните сили, шпионажа, сајбер-напади и дестабилизација на непријателот. За разлика од другите разузнавачки служби во Русија, како што се Федералната служба за безбедност (ФСБ) и Службата за надворешно разузнавање (СВР), кои директно му одговараат на претседателот, ГРУ одговара на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот на руската армија. Агенцијата се наоѓа во седиштето наречено „Аквариум“ во воздухопловната база во близина на Москва. Има шест пати повеќе агенти во странски земји од СВР.