Голем број граѓани со дописи до нашата редакција сведочат за можеби најинтензивната миризба на изгорен смет, што се чувствуваше често во текот на летото. Граѓаните алармираат дека оваа појава се повторува цело лето, а синоќа и во раните утрински часови, освен миризбата во воздухот, се забележуваше и чад.
– Цело лето се повторува одвреме-навреме. Еднаш се јавив во пожарна, ми рекоа дека немале пријава и нема интервенција. Лоша миризба е многу, сега е лето, нели спиеме со отворени прозорци и се разбудив поради тоа, вели жителка на Тетово.
Младен, кој ни испрати и фотографии од чадот низ градот, смета дека властите мора да преземат нешто во врска со ова.
МИА на 29 јуни објави информација за истата состојба. Тогаш од Територијалната противпожарна единица Тетово истакнаа дека неколку дена претходно имале една интервенција на пожар, каде гореле пластични материјали на потегот од градот кон Требош.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами во јули изјави дека ќе побара од службите дополнителни контроли за да се најде причината за оваа појава. Тогаш, тој потенцираше дека нема палење на складираниот смет на претоварната станица кај Фалише.