Балканската ѕвезда Здравко Чолиќ одамна не ја забавувал публиката во Македонија, уште пред короната.
Затоа, како што вели тој пред концертот на Joy fest во Крива Паланка , на овој настап ќе додаде енергија и магија на одредени песни.
-Во Крива Паланка сум бил во 70-тите години, на самиот почеток на мојата кариера. Настапував заедно со Маја Оџаклиевска и Кемал Монтено. Во тоа време работевме и патувавме многу, особено на југот на поранешна Југославија, кога ги посетивме речиси сите градови. Крива Паланка е историски град кој го паметам по прекрасниот манастир и мислам дека е дел од регионот познат по рударството, вели Здравко и додава:
-Драго ми е што работите конечно се средија и што по долго време се вративме пред македонската публика. Во нашата стандардна поп-програма, која ќе ја слушне и публиката во Крива Паланка, има сплет на песни кои претставуваат вистинска музичка временска машина низ мојата педесетгодишна кариера, а судејќи според реакциите на публиката, би рекол дека секоја избрана песна го има своето заслужено место на таа листа и дека публиката е многу среќна што ја пее со нас. Доаѓаме во голем ансамбл, со бенд од 12 члена, танцова група која на свој начин ќе разубави и додаде малку енергија и магија на одредени песни, а носиме и интересно гудачко трио кое ќе претстави некои од моите песни кои вообичаено не ги изведуваме на малку поинаков начин. Сигурен сум дека не очекува посебна вечер на музика и дружење, вели тој.
Пред големиот концерт на градскиот стадион во Крива Паланка, кој е во рамките на Joy fest, Чолиќ ги откри и плановите.
-Во моментов сме посветени на завршување на нови песни и издавање на нов албум. Ако се оди според планираното, ќе објавиме неколку синглови, а потоа и целиот албум до пролет. Потоа следи концертна промоција во бројни земји и градови. Секако, Македонија е неизбежна на таа листа и верувам дека наскоро ќе се дружиме не само во Скопје, туку и во другите градови во кои секогаш со задоволство се враќам, вели Здравко, а на жителите на Крива Паланка им порача:
-Драги мои Паланчани, среќен сум што после многу години конечно се враќам во вашиот убав град и што заедно со песна ќе го прославиме празникот Успение на Пресвета Богородица. Ќе се погрижиме за најдобрата атмосфера, а се надевам дека ќе не послужи и убавото време и дека во Крива Паланка ќе дојде драга публика и нашите пријатели од другите градови од Македонија, Србија и Бугарија. Крива Паланка, те сака и те поздравува твојот Здравко Чолиќ, додаде тој на крајот.