Три македонски државјанки на возраст од 48, 60 и 66 години вчера попладне се спасени од давење на плажата Голем кај Каваја, на албанското крајбрежје.
Според полицијата, веднаш им била укажана прва помош од присутните туристи на плажата, крајбрежната стража и полициските службеници од Каваја кои биле дежурни на крајбрежјето.
– Трите жени итно се пренесени во Регионалната болница во Драч за укажување лекарска помош. Жената на 48-годишна возраст е надвор од животна опасност, додека во потешка состојба се другите две, на 66 и 60-годишна возраст, стои во соопштението.
На албанското крајбрежје годишно летуваат, во просек од 250 до 300 илјади македонски државјани. Ова лето се очекува бројот да биде многу поголем.
Според телевизијата Топ чанел, туристките влегле да пливаат, но не можеле да стигнат до брегот. Според полицијата, двете од нив на возраст од 66 и 60 години и се во тешка состојба во болница. Туристите ги ризикуваат своите животи на плажите во Албанија, бидејќи често го надминуваат безбедносниот периметар дури и кога морето е немирно и со бранови, пренесува телевизијата.