Предизборните зголемувања на пензиите го продлабочија дефицитот во Фондот, наметнувајќи го прашањето има ли „кондиција“ за ново покачување? Пензионерите стануваат сѐ погласни во барањата за зголемување на пензиите, но од експертите пристигна предупредување- моменталната состојба со пензиските финансии не го дозволува тоа.
Голем дел од расходите за пензии, всушност ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – нотираше во својот најнов извештај Институтот Finance Think. Уделот на буџетските во вкупните приходи на Фондот драматично пораснал, достигнувајќи кулминација во 2017 година кога изнесувал 43,6 отсто.
Тоа означува дека скоро половина од пензиските исплати се вршеле од општиот буџет на државата, односно на товар на општото оданочување.
Да се купат лекови, храна или да се платат сметки? Пензионерите едвај врзуваат крај со крај, а во обидот да се преживее месецот, се чини, се одбира „најприоритетниот“ од сите приоритети. Додека оние кои со децении со својот труд придонесувале во државната кaса, а сега најавуваат нов протест, надлежните калкулираат.
Пензионерите бараат минимална пензија од 18.000 денари, повисоки пензии за 3.500 денари за сите, како и повисоки надоместоци, но премиерот Димитар Ковачевски вели дека линеарното покачување ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој Фондот за ПИОМ не би можел да го издржи.
Ни повисоки плати за функционерите ни поголеми пензии за пензионерите
Институтот за економски истражувања и политики Finance think алармираше дека Фондот го дополнува својот дефицит од централниот буџет, на што впрочем и се темели ставот дека нема простор за зголемување на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување. Меѓутоа, од Finance think ја искараа и Владата чии функционери добија покачување на платата од 78 проценти во услови кога трошоците на живот растат.
-Интензивирањето на барањата од страна на разни општествени групи за пораст на примањата (плати, пензии и сл.), е во еден дел водено од порастот на трошоците на живот, што е легитимно барање, но во друг значаен дел од поттикнувањето реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста, и од одлуката на Уставниот суд – и последователниот молк од страна на Владата со која се одмрзнаа зголемувањата на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до нивен кумулативен раст од 78% – велат од Finance think.
Од таму ја повикаа Владата да отвори дијалог со кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите. Во однос на пензиите пак, премиерот уверува дека тие се зголемуваат според швајцарски модел кој овозможува тие да се зголемуваат по два пати годишно, согласно растот на просечната плата и трошоците на живот.
„Ние за 1,5 година имаме 26 % зголемување на пензиите. Ако минималната пензија била 9000 денари, сега е 12.500 денари. Во септември ќе стане 13.000 денари. Ако просечната пензија беше 13.000 денари, сега е 19.000 денари и ќе порасне“, се пофали Ковачевски.
Според него, Фондот за пензиско осигурување не е во кондиција да го издржи линеарното покачување и тоа би значело дека ќе нема пари дури ни за тие кои 30 години уплаќале стаж.
„Пензијата е право од работен однос. Не можете да израмните некој што плаќал 15 години стаж на минимална плата и некој што плаќал 30 години стаж на многу поголем износ и да кажете тоа е исто. Пензијата е резултат на годините стаж на секој поединец и на уплатите. Фондот за пензиско е фонд на осигурениците. Доколку има линеарно покачување, тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи Фондот“, додаде премиерот.
Од Finance think наведуваат дека при зголемени трошоци за живот, од особена важност е животниот стандард на граѓаните да се задржи.
Во сегментот на социјалната заштита, односно социјалните надоместоци и пензиите, клучно е нивното усогласување со порастот на трошоците на живот. Усогласувањата на пензиите со трошоците на живот, како и ад-хок зголемувањата на пензиите во претходните две децении, овозможија порастот на пензиите да го следи или да го надмине порастот на трошоците на живот, и оттука, во целост да го заштити животниот стандард на пензионерите, велат од Finance think.
Зголемувањата на пензиите, особено зголемувањата надвор од предвиденото законско усогласување со порастот на трошоците на живот и просечната плата, како што посочуваат, е неопходно да се гледаат од призма на макро-стабилноста на пензиските финансии, односно дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа преземените обврски кон пензионерите сега и во иднина.
-Повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, посебно кога тие беа големи и посебно во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот на Фондот.
Ваквиот дефицит, е делот кој Фондот не може да го покрие од изворни приходи – придонеси на плати, поради што дополнување прави централниот буџет, објаснија од Институтот.
Во прилог на овие констатации говорат и податоците од Државниот завод за ревизија кој соопшти дека исплатата на пензиите на годишно ниво чини околу 1 милијарда евра. Половина од оваа сума е обезбедена од придонесите за пензиско осигурување на вработените, а околу 500 милиони евра од државниот буџет. Според ова, зголемувањето на пензиите за 20 потсто, би значело дека за исплата на плати ќе се трошат уште 200 милиони евра од државниот буџет.
Ревизорите укажаа дека Фондот за ПИОСМ има потреба од финансиска поддршка за да ги исплаќа пензиите, иако дефицитот на оваа институција лани се намалил за 7 % во однос на 2021.
Пензионерите остануваат на улица, преку масовен протест ќе бараат достоинствени пензии
И покрај предупредувањата, пензионерите не се предомислуваат и најавуваат масовен протест во Скопје. Тие информираа дека ќе протестираат на 20-ти следниот месец кога се одбележува Денот на пензионерите и повикаа на поддршка од сите националности.
На изминатите протести тие се пожалија дека парите не им стигаат за ништо и веќе купуваат во грамови. Во услови кога сѐ е поскапено, немаат ни да си дозволат како што велат, за лубеница, а ниту пак за да им купат чоколадо на внуците.
„Нашите пензии се ептен минимални и едвај преживуваме. Во месецот немаме пари за лековите да си ги земеме“, изјави Владо Ѓорѓиев, трудов инвалид од Свети Николе.
Чашата дополнително ја прели ставот на министерката Јованка Тренчевска дека 18.000 денари минимална пензија е нереална сума. Сепак, таа најави ново усогласување со септемвриската пензија.
Тренчевска информираше дека ќе поднесе и иницијатива до Уставниот суд во врска со барањето за линеарно зголемување, но и дека ќе се формира работна група што ќе предложи решенија за мерки за помош и поддршка за пензионерите. Дури потоа ќе се утврди кој би бил износот на минимална пензија без да се направи дупка во Фондот.
Надлежните ќе ги очекуваат и податоците од Државниот завод за статистика, па официјално ќе се знае дали покачувањето на пензиите ќе биде за 6% или повеќе.
„Можно е шест, можно е и повеќе од шест проценти, да не лиферуваме. Затоа реков, одиме со изјави за најмалку шест, можеби ќе биде и нешто повеќе. Сѐ зависи од Статистика. Осумнаесет илјади е нереална сума затоа што минималната плата ни е 20.000. Не сакам да се доведеме во ситуација по неколку месеци да се прашуваме дали ќе добијат пензија сите 330.000 пензионери. Тоа е вистинска грижа, не се потребни популистички мерки. Во неколку месеци ќе ги задоволат потребите на сите пензионери, но на подолг рок ќе се доведе во прашање стабилноста на Фондот. Нема да дозволам да се доведе во прашање исплатата на пензиите“, изјави Тренчевска.
Пензионерите не се нафаќаат на ваквите проценти кои се во игра и прво бараат линеарно зголемување за секој еден пензионер од септември.
Нетрпеливоста на едната страна и калкулациите на другата, ги скараа пензионерите. Оние кои повикаа на протест не добија поддршка од Сојузот на здруженија на пензионери, по што најавија дека веќе нема да ја плаќаат месечната членарина. Сојузот сепак подоцна се огласи преку писмено соопштение во кое појасни дека го поддржува барањето за растот на минималната пензија и дека оттаму ќе бидат изготвени предлози.
Додека покачувањето зависи од податоците на Статистика, тие покажуваат дека пензионерите во земјава имаат стапка на сиромаштија од 7 проценти. Во соседна Србија пак, пензионерите ќе добијат историско зголемување од над 55 отсто. Ова во своето обраќање до јавноста го најави српскиот претседател, Александар Вучиќ кој информираше дека пензионерите ќе добијат таканаречени пензионерски картички, кои ќе донесат различни поволности.
Вања Мицевска