Најмалку 70 летови беа откажани синоќа, откако најголемиот аеродром во Европа, тој во Франкфурт беше буквално под вода. Силното невреме со светкавици и врнежи од дожд ги поплави пистите и авионите, додека во терминалите се појавија мали езерца.
Поради големите поплави на аеродромот, следеа масовни доцнења и откажувања на летови, што предизвика хаос на аеродромот.
Од изутрината состојбата е стабилизирана, иако управата на Аеродромот во Франкфурт предупреди дека се можни ситни пречки во одвивањето на летовите и ги повика патниците порано да дојдат пред закажаниот лет.
„Вчерашните временски услови ќе влијаат на денешниот распоред на летови. Патниците треба да го проверат времето на летот со нивната авиокомпанија. Поради зголемениот обем на патници, ги советуваме сите патници да пристигнат на аеродромот 2,5 часа пред времето на летот, соопштија од управата.
Што се однесува до летовите од и кон скопскиот аеродром, првиот лет од Франкфурт се очекува во 14:05 часот, а полетувањата кон Франкфурт се подоцна во попладневните часови. Вчерашните летови се реализирани. Засега нема информации за промени во летовите од и за Франкфурт.