Метеорскиот дожд, наречен уште и Персеиди, ќе се случи вечерва, меѓу 12 и 13 август 2023 година, а највидлив ќе биде на 13 август, пишува „Space.com“.
Метеорскиот дожд Персеиди е предизвикан од минувањето на Земјата низ остатоците од кометата Свифт-Татл од 1992 година. Метеорскиот дожд Персеиди е најгуст кога земјата минува низ „најправливите“ региони. Годините со не премногу месечева светлина обично имаат повеќе метеори на час, дури и до 150-200 од нив.
Метеорскиот дожд трае од 14 јули до 24 август, но најдобро се гледа на 13 август, пишува Space.com. Во најсилниот период ќе може да се видат и до сто метеори на час, објави НАСА.
Минатата година метеорскиот дожд Персеиди беше „загрозен“ од силна месечина што некои од метеорите ги направи помалку видливи. Но, во 2023 година, светлината поради Месечината ќе биде само околу 10%, што значи дека метеорскиот дожд ќе биде добро видлив.
Типичен метеороид Персеид патува со брзина од околу 214.000 километри на час кога ќе влезе во атмосферата на Земјата, а потоа се нарекува метеор. Повеќето од нив се многу мали, со големина на зрно песок и речиси ниту еден нема да падне на земја. А кога тоа ќе се случи, тие си го „менуваат“ името во – метеорити.
Се проценува дека Персеидите достигнуваат температура од околу 1.650 степени Целзиусови, а стануваат видливи кога се на околу 97 километри над Земјата.