Ноќеска во 04:05 часот избил пожар во две возила паркирани во населбата „8ми Ноември“ во Штип. Полицијата и истражните органи излегоа на терен, каде се испитува дали се работи за намерно опожарување.
Од она што го дознавме на терен, прво се слушнала експлозија од џип со странски регистерски таблички, сопственост на штипјанец. Според сведоштвата на очевидците, претпоставка е дека од огнот на џипот се запалило и возилото што било паркирано до него.
Полицијата соопшти дека покрај двете возила, од пожарот е оштетено и трето паркирано.
„Денеска (11.08.2023) во 04.10 часот во СВР Штип било пријавено дека на бул. „ЈНА“ настанал пожар во патничко возило „фолксваген тигуан“, со германска национална ознака, сопственост на Д.В.(35) од Штип. Од пожарот биле зафатени и патничките возила „опел инсигниа“, сопственост на В.П.(51) и „тојота јарис“, сопственост на С.Ш.(63), двете со штипски регистарски ознаки, соопштија од СВР Штип. Повредени лица нема, пожарот е изгаснат, а извршен е увид.
По пауза од две-три години, последните месеци повторно се појавија случаи на опожарување на возила, главно во раните утрински часови.
Неодамна (17 јули) гореше и возилото на началникот на СВР.