Многу е важно да се разберат овие ефекти за да се промовира одговорна и здрава употреба на технологијата, особено кога се користи од страна на децата.
Технологијата стана составен дел од нашиот секојдневен живот и речиси е невозможно да се избегне. Употребата на технологијата може да има позитивни ефекти, односно да им понуди на сите луѓе можност за самоизразување, креативност и поврзување со други, подобрување на вештините за комуникација и социјализација.
Сепак, покрај неверојатните можности што ги нуди употребата на технологијата, за жал, таа доаѓа и со многу негативни ефекти, особено кога станува збор за децата.
Затоа, многу е важно да се разберат овие ефекти за да се промовира одговорна и здрава употреба на технологијата, особено кога се користи од страна на децата.
Сајбер вознемирување
Еден од негативните ефекти од прекумерната употреба на технологијата, а особено социјалните мрежи, е можноста децата да бидат изложени на сајбер вознемирување. Пристапот до различни онлајн платформи е одлична почва за сајбер булизам, кое има негативни последици врз менталното здравје и благосостојба на децата.
Децата изложени на сајбер вознемирување покрај тоа што се чувствуваат непријатно, пријавиле и дека им е срам; се чувствувале повредени, па дури и пријавиле страв за нивната безбедност. Освен тоа, неретко, децата имаат тенденција да се обвинуваат себеси за тоа што го доживуваат од сајбер вознемирувањето.
Исто така, изложеноста на содржини несоодветни за возраста на детето е уште еден проблем за кој родителите честопати немаат многу знаење. Неконтролираното изложување може да им овозможи на децата да бидат во контакт со порнографски содржини, насилни содржини, активности кои промовираат самоповредување, ризично однесување, булизам итн.
Други последици се социјална изолација и зависност, притоа сведувајќи го на минимум времето за интеракција, социјализација и играње со другите деца. Од друга страна, играта (играњето) се смета за круцијална активност за развојот на детето.
Неконтролирано користење на технологијата
Истражувањата покажаа дека децата кои поминувале повеќе време на социјалните мрежи во текот на денот покажале пониско ниво на психолошка благосостојба, вклучително и пониско ниво на љубопитност, пониска самоконтрола, тешкотии при концентрација, пониска емоционална стабилност и неможност да ги завршат училишните задачи. Влијанието врз однесувањето, емоционалниот и социјалниот аспект на детето е значително под влијание на неконтролираното користење на технологијата.
Многу честа појава е и употребата на телефони и други електронски уреди за да се одвлече вниманието на децата за време на оброците. Оброкот е идеална можност за родителите да се поврзат со своите деца со цел да изнајдат здрави навики во исхраната.
Препорачливо е родителите да постават ограничувања и да ги насочуваат нивните деца да ја користат технологијата со ограничување на времето поминато на екранот, следење на активностите на интернет и поттикнување физичка активност и директна интеракција со врсниците. Напротив, доколку родителите од практични причини користат електронски уреди за да го привлечат вниманието на децата или да поттикнат одредено однесување, тоа ќе создаде навика која со текот на времето може да стане зависност кај нивните деца.
Тик-Ток со една милијарда корисници – половината се на возраст од 10-29 години
Денес постојат голем број на платформи до кои децата имаат пристап. Сепак, во последно време Тик-Ток е една од најкористените социјални мрежи од страна на децата и тинејџерите. Во моментов оваа социјална мрежа брои повеќе од една милијарда редовни корисници, од кои половината се на возраст од 10 до 29 години. Значи, времето кога детето станува дел од некоја онлајн платформа е најделикатната возраст, особено кога се зема предвид влијанието што таквите платформи го имаат врз неговото ментално здравје.
Во истражувањето на БИРН спроведено преку десетици интервјуа со наставници, родители и деца од балканските земји, беше утврдено дека родителите не се доволно информирани за ризиците што употребата на Тик-Ток ги носи за нивните деца. Истражувањето открива дека 69% од анкетираните родители сметаат дека нивните деца ги отвориле своите профили пред да наполнат 13 години, со што ги прекршиле условите за користење на платформата.
Со оглед на брзото зголемување на употребата на технологијата од страна на децата, Американското здружение за педијатри ги советува родителите дека децата од 0-2 години не треба да имаат контакт со електронски екрани, барем не без присуство на родители. Додека децата од 2-5 години се претпочитаат да имаат контакт со технологијата по еден час во текот на денот. Дури и упатствата на Светската здравствена организација ги даваат истите препораки во однос на изложеноста на децата на електронски екрани.
Каде се родителите?
Родителите играат важна улога во обликувањето на ставовите и однесувањата на нивните деца кон технологијата, бидејќи тие често се главниот модел за нив. Децата учат гледајќи го однесувањето на нивните родители. Ова исто така ја вклучува и употребата на технологијата од страна на родителите. Затоа, родителите можат да влијаат на употребата на технологијата од страна на нивните деца со поставување јасни правила и граници.
Сепак, одговорната употреба на технологијата не е одговорност само на родителите. Изготвувањето соодветни политики од страна на одговорните институции е многу важно и треба да се даде висок приоритет.
Потребно е да се ревидира и училишната наставна програма. Децата треба уште од мали нозе да научат за негативните ефекти што може да ги има ненабљудуваната и неконтролирана употреба на технологијата.
Исто така, потребно е да се земат предвид најдобрите практики од други земји, приспособувајќи ги и употребувајќи ги во општествениот и културниот контекст на сите балкански земји
Виолета Зефи за Рес публика