Под мотото „Да го овозможиме доењето, да им помогнеме на вработените родители“ , породилното одделение при ЈЗУ Клиничка болница Штип, од 1 до 7 август ја одбележа Светската недела на доењето.
Целта е да се подигне свесноста за значајноста на доењето и мајчиното млеко за мајката и за детето, да се поддржи и заштити правото на доење за сите жени ширум светот, рече Валентина Златковска началник на одделот за неонатологија при ЈЗУ Клиничка болница Штип.
- Има бенефити од доењето и за мајката и за детето. Децата имаат оптимален раст и развој со мајчиното млеко. Мајчиното млеко значи имунитет, значи заштита, има антиинфективни фактори, антиалегриски фактори. Се воспоставува и психолошка врска мајка и дете при доењето. Доењето влијае и на менталниот статус на мајката, а долгорочно и жени кои дојат заболуваат помалку од малигни болести на града и на овариуми, рече Златковска.
Оваа година тема на неделата на доењето беше вработената мајка и доењето, односно подигање на свеста дека работењето не треба да биде пречка во изборот на мајката да го дои своето дете или не и дека ниту една жена не смее да се става во позиција да мора да избира помеѓу работата и доењето, нагласи началничката Златковска.
-Не смејат мајките да се ставаат во ситуација да избираат помеѓу доењето и одењето на работа. Кога мајките ќе се вратат на работа работното место треба да биде прилагодено, да биде пријателско опкружување за доење, да има паузи за доење и посебни објекти, соби каде истото ќе биде спроведено, потенцира Златковска.
За жал според последните податоци на светски рамки, повеќе од половина милијарда вработени луѓе ги немаат основните мајчински права, проблем кој според Златковска многу едноставно може да се реши со соодветно законодавство и разбирање од работодавачите кои лесно би обезбедиле флексибилно и скратено работно време за доилките како и работа од дома.