Граѓански организации, верски лидери и заедници, политичари од различни опции, од власт и опозиција, граѓанските иницијативи, доктори и јавни личности се обединија во борбата против измените на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, со што се придружија на десничарските движења во регионот, пред сѐ Србија и Бугарија. Овие движења некои теоретичари ги поврзаа со проруските сили, опишувајќи го како „хомофобичен наратив за традиционалните семејни вредности, што се увезени политички вредности на Путинова Русија“(Алексеј Кошјукас, Данас.рс).
Во серијал во три продолженија ја истражуваме поврзаноста на македонските десничарски движења со тие во регионот, за главните актери во овие движења и за тоа што го сензибилизира овој дел од македонското општество.
Предлог измените на Законот за матична евиденција, на што реагираат верските заедници, овозможуваат на секој граѓанин со наполнети 18 години, кој не е во брак, само со нотарски документ да има право на промена на полот и негово законско признавање. Тоа лице ќе може да ја смени ознаката за пол во матичните книги и на тој начин државата ќе му го препознае вистинскиот пол, што сега не е случај. Со тоа, Северна Македонија ќе стане десеттата држава во Европа каде прашањето за промена на ознака за пол во лична карта се регулира по принципот на самоопределување. За останатите држави, потребни се медицински документи како доказ. Законската промена засега неколку десетици трансродови лица. До сега, 14 транс лица успешно ги завршиле постапките за правно признавање на родот, почнувајќи од 2017 година па наваму.
-Овие закони ни носат монструозна конструкција. Ја отворија Пандорината кутија, така што секој ден се создаваат различни полови, секој може да биде што сака“, оцени владиката Јаков Стобишки од Струмичката епархија на МПЦ-ОА.
„Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на трансродово лице да може да ја смени ознаката во матичниот број онаму каде што се обележува родот, а Законот за родова еднаквост се фокусира на унапредување на положбата на жените во општество. Не губиме ништо од она што во моментот го имаме како право“, одговори министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Протести и јавни дебати
Аргументите на министерката не ги убедија верниците и десничарите, па на 29 јуни се одржа црковниот протест, кој беше демонстрација на отворените и изразени демо-хистијански исклици последните месеци, па и години во државата. Всушност, црквата преку дебатите организирани од Струмичката епархија и владиката Јаков Стобишки го издигна гласот на повеќе граѓански организации, иницијативи и три политички партии обединети во оформената „Коалиција за права на детето“, во чиј состав е и Фондацијата „Елеуса“ од Струмица, која работи под закрила на Струмичката епархија на МПЦ-ОА.
Додека се одвиваа јавните дебати против законските иницијативи, Коалиција последните месеци е на терен, низ градовите, прикажувајќи го документарниот филм „Што е жена?“ на американскиот блогер и ултрадесничар Мат Волш. Во филмот авторот Волш оди од еден до друг соговорник во обид да го дознае одговорот на прашањето „Што е тоа жена?“, вметнувајќи ја темата за растот на трансродизмот и транссексуалноста и хормонална и хируршка промена на полот кај децата.
-Ако не застанеме во одбрана, наскоро ова и нам ќе ни се случува“, порача на крајот од филмската проекција во Штип, еден од организаторите на настанот. На излегување, беа поделени картички со повик за соработка со Коалиција за заштита на децата и за помош и донации.
Кои се десничарските движења во регионот?
Домашниот наратив на приврзаниците на десничарските движења по ништо не се разликува од тој во соседството. Но, тоа не е единственото заедничко на движењата во Србија, Северна Македонија или Бугарија.
Овие коалиции во регионот се речиси идентични по состав – регистрирани граѓански организации, граѓански движења и иницијативи, Фејсбук групи и политички партии и сите се обединети околу светски познатите организации Family Watch International и Alliance Defending Freedom.
Во Србија обединувачкиот момент на десничарските и христијанско – конзервативните движења беше одржувањето на „Еуропрајд“ – Парадата на гордоста во 2021 година во Белград. Српскиот главен град беше избран во 2019 година во конкуренција на Барселона, Лисабон и Даблин, како место за одржување на „Еуропрајд“ – најголемата меѓународна парада на гордоста во Европа.
Во бројните настапи во обид да се запре одржувањето на европската манифестација, коалицијата од различни субјекти излезе со предупредување до граѓаните.
-Нашата држава е нападната од малцинство од 0,003 отсто, како перјаница на глобализмот. Се таргетираат нашите верски права, националната безбедност. Ова е напад на државата Србија и православните граѓани. Алармираме на злоупотреба на децата, предупреди тогаш Александра Кнез – Милојковиќ, од „Сојузот на православните жени на Србија“(2021).
Екстремно десничарските партии освоија места во Парламентот
Обединетото движење не успеа да ја сопре Парадата на гордоста на улиците на Белград, но обезбеди гласови за партиите, дел од оваа коалиција, кои ги поддржаа и ги делат конзервативните ставови. Партиската коалиција НАДА, која настана во 2021 година на парламентарните избори следната година успеа да освои 15 места во српскиот Парламент со 250 членови. Со 23 места оваа десничарска коалиција составена од 4 политички партии е застапена во Собранието на Војводина и локалните Собранија во Белград и Нови Сад. Нивната идеологија е национален конзерватизам и милитаризам, се залагаат за воведување на монархија и се евроскептици. Нивното мото е „Да живееме нормално!.
Конзервативните движења во Србија не се нови, туку станаа погласни и помасовни по првата „Прошетка за семејството“, која се одржа уште во 2009 година во Чачак, а следните години се прошири насекаде во државата.
Деновиве овие движења на интернет делуваат преку iFamNews, Семејни вести, што го објаснуваат како проект на Меѓународната организација за семејството (IOF). Доминираат застрашувачките приказни за жени кои извршиле абортус и каењето на трансродови луѓе, кои го промениле полот или се на хормонална терапија.
Овие движења масовноста ја добиваат и преку Фејсбук заедниците „Против новиот светски поредок“ (Protiv Novog Svetskog Poretka) со 77.000 следачи и „ЗА семејството’ (ZA porodicu) со 33.000 следачи.
Особено илустративен е наративот на групата „Против новиот светски поредок“, преку објавувањето на приказни, вести, теории на заговор, сведоштва против вакцините, трансродовите лица, со изразена хомофобија и говор на омраза кон малцински групи.
„Да ги отвориме очите и да се спротивставиме на злото, да се запознаеме со суровата вистина и да заборавиме на шарените лаги засекогаш“ – е мотото на делувањето.
Со едно од последните пишувања авторот на постот споделува фотографија од изгледот на градот што падна неодамна во Србија со констатација: „Некој очигледно решил да си игра Бога и создал мразулци во облик на човечко око. Дали ЦЕРН си поигрува со човештвото?“
Спој на хомофоби и почитувачи на православните вредности
Србија го избра активистичкиот пристап на вклучување на различни структури како социјално – политички движења.
Во анализа: „Антиродни движења во 21 век“ , овие социјални движења се опишани како активистички мрежи кои вклучуваат и формални организации и неформални мрежи. „Теоретичарите на активистичките мрежи веруваат дека тие се токму тоа личните врски меѓу потенцијалните активисти се предуслов за појава на социјални движење. Остварени блиски односи меѓу потенцијални и постоечки членови движења, како и формирани организации до кои можат да пристапат заинтересираните лица се предуслови за полесно мобилизирање на поддржувачите и конечна градба на движењето“, пишува во Анализата.
Овие движења вклучуваат луѓе обединети околу православието, претставено во здруженија на граѓани и неформални групи поддржувачи, особено активни на социјалните мрежи.
Анализирајќи ги овие движења, социологот и универзитетски професор Алексеј Кишјухас спојот на овие граѓански движења со православни групи го гледа во, како што пишува „вредности, односно наративи кои се измислени многу неодамна, а тоа во Русија на Владимир Путин, односно во неговите фабрики за дезинформации и лажни вести.
„Во 2013 година, Русија го усвои законот со следниов наслов: „Закон за заштита на децата од информации кои се залагаат за негирање на традиционалните семејни вредности“, со кој се криминализираат човековите права и културата на ЛГБТ лицата. Во овој поглед, самиот Путин (лажно) тврдеше дека Западот ги укинува концептите „мајка и татко“ и ги замени со „родител 1 и 2“ (дали сме слушнале за оваа дезинформација и зошто сме?). Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров тврдеше (исто така лажно) дека студентите на Запад учат дека Исус од Назарет бил бисексуалец. Со други зборови, задолжителната одбрана и заштита на традиционалните семејни вредности е всушност само паметно име за – пропагандна војна против Западот и западните слободи. Русија на Путин се претставува на глобално ниво како бастион на традиционалните вредности и патријархалните родови улоги, односно како контрапункт на моралната декаденција на Америка и Западна Европа. И затоа на митинзите низ Белград се носат руски знамиња или знамиња со ликот на Путин, напиша Кишјухас во колумна за весникот „Данас“.
„Попот“ кој го анатемиса Зеленски на чело на антиродово движење во Бугарија
Видеото од маж во црна мантија кој го дочекува возилото на украинскиот претседател Владимир Зеленски во обид да го анатемиса, беше споделено и во македонските медиуми.
„Драма во Софија: Бугарски поп фрлил анатема врз колоната на Зеленски (ВИДЕО)“, беше еден од насловите во македонските медиуми, споделувајќи видео од настанот. Она за што македонската читателска публика не беше информирана до крај е дека не се работи за поп, туку за обичен граѓанин – помошник во црква, кој според црковните закони, не може да фрли анатема. Се работи за Атанас Стефанов, кој е поранешен кандидат за пратеник на проруската партија МИР, а се претставува и како новинар, но и како претседател на граѓанското здружение „Пријатели на Русија и православниот свет“.
„Марш за семејството“
Но, Ангел Стефанов е познат и како човек кој со крст во рака го поведе годинашниот марш за семејни вредности и одбрана на православието во Софија. Овој „Марш за семејството“ започна да се организира во 2018 година во пет града на Бугарија, како наследник на манифестацијата „Марш за традиционалното семејство“, која започна во градот Бургас неколку години пред тоа.
Подоцна, организаторите на Маршот се обединија во Националното здружение „Марш за семејството“, кое за себе пишува дека „спроведува активности за јавна корист за афирмирање и поддршка на бракот како доброволна заедница меѓу еден маж и една жена и традиционалните семејни вредности и доблести, за да се постигне подобар и поисполнет живот за сите граѓани во општеството“. Марш за семејството е годишен настан, како што го најавуваат за „заштита и афирмација во нашето општество на бракот само помеѓу маж и жена и на традиционалното бугарско семејство составено од мајка, татко и деца“. Меѓудругите активности, иницираа петиција „против хомосексуалната пропаганда и за ограничување на јавните рекламни кампањи на ЛГБТ организациите во Бугарија“.
Во тесна соработка се повеќе православни организации, движења и информативни интернет страни, како и Фејсбук групи.
Едно од најмасовното движење е обединето во здружението на граѓани „Здружение за општество и вредности“ со мисија „да биде конструктивен фактор во развојот на општеството преку промовирање и одбрана на вредностите и политиките кои го потврдуваат достоинството и слободата на поединецот, бракот и семејството“.
Како и македонските организации и движења, и тие во регионот се поврзани или ги следат светски познатите организации како Алијансата во одбрана на слободата, Фондацијата Херитиџ, Советот за истражување на семејството и Конзервативната политичка акциона коалиција. Ова се десничарски христијански организации, кои се залагаат за забрана на абортусот, хомосексуалните бракови, правото на транс луѓето да го променат својот пол/ ознака за пол на документи итн…
Апостолоски: Движењата не се закана за безбедноста на државата
фото: Златко Апостолоски
Сепак, од аспект на безбедноста, иако се следат, овој тип на десничарски движења кај нас, не се сметаат за закана, потврдува Златко Апостолоски, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам. Конкретно, активностите за измените на двата закони- Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, се надвор од опсегот на активности на Националниот комитет.
-Десничарскиот екстремизам за разлика од појавните облици на десничарскиот екстремизам во регионот на земјите од Западен Балкан, во Македонија е далеку понезначителен. Постои како појавен облик, се манифестира преку одредени граѓански здруженија или други облици на здружување на граѓаните. Претежно се должи на некакви политички интереси или иницијативи за заживување на тие здруженија и организации, но битна закана за безбедноста на државата, во овој момент не претставува, вели Апостолоски.
Прашана да ги коментира овие движења на традиционални вредности, кои се засилија последните месеци и кај нас, универзитетската професорка Мирјана Најчевска , вели дека религијата и уверувањата се приватна работа. Сепак, според Најчевска, во општеството во кое живееме, не е добро една група да се наметнува со своите ставови на штета на друга.
фото: Мирјана Најчевска
-Никој не ги негира. Никој не вика дека не треба да има луѓе кои си почитуваат одредени традиционални вредности. Тоа е исто како со религијата, со уверувањето…значи тоа е приватна работа. Единственото нешто е да не се наметнуваат, и оние коишто поинаку размислуваат, да не бидат депривелигирани, односно да им се намалат нивните права и да бидат дискриминирани. Не се атакува на никакви вредности, секој си има право да си го живее животот онака како што мисли дека треба да го живее. Меѓутоа, не треба да им го брани на другите поинаквиот начин на живеење, смета Најчевска.
Демо-христијанската идеологија интензивно ги пушта своите корени и во македонското пост-ковид општество, во време кога се создаде плодна почва за антиваксерски движења, засилени со приказни за последиците од вакцините, а групите со спротивставени уверувања, се закопуваат во своите ровови.
Во следното издание истражувавме за што се залагаат и кои се актерите на македонското движење на традиционални семејни вредности сочинето од различни граѓански организации, верски заедници, политички партии, иницијативи и јавни личности.
В.К.
В.Ми.
Овој текст е изработен во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.