Од ОМД претпоставуваат дека во САД има околу половина милион американци со некакво македонско потекло. Тоа не значи дека тоа се луѓе коишто дошле директно од Македонија и дека заминале во последниве 30 години.
„Ние зборуваме за луѓе кои што во минатото во Америка доаѓале по 5-10.000 годишно. Заминувале од Македонија поради војните од Егејска, Пиринска Македонија, од други делови на земјата, од Мала Преспа. Тие се во дијаспората и се трета , па и четврта генерација,“образложи Методија Коловски од ОМД, при денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.
„Во програмата -Родум од Македонија, ние имавме неколку студенти кои за прв пат дојдоа во Македонија, кое се трета -четврта генерација. Немаат дојдено во Македонија и нивните родители, оваа година дојдоа за прв пат. Има многу такви луѓе во дијаспората, во Канада, Австралија, така да претпоставуваме дека тоа е една бројка од 3-4 милиони луѓе со некакво македонско потекло, надвор од сегашните граници на Македонија,“ кажа Коловски.
Но каков е пристапот на Македонија кон сопствената дијаспора?
Порано имавме три механизми-Министерството за дијаспора без ресор, Агенцијата за иселеништво којашто се грижи само за луѓето коишто се родени во Македонија и иселени, но не и за луѓето кои се родени во странство и има отсек за дијаспора во рамките на Министерството за надворешни работи и за кој не се знае кои се целите и одговорностите, вели Гордан Јорданов од ОМД, директор за Македонија и Европа.
„ Сега моментално Министерството за дијаспора е укинато и тоа е еден голем пропуст за Македонија, затоа што беше единствена политичка структура којашто можеше да ја имплементира Националната стратегија за дијаспора. Агенцијата за иселеништво има некакви програми-летни кампови за децата од дијаспората, но секогаш се преполни тие кампови. За жал нејзиниот буџет е многу ограничен и заради тоа мал е бројот на тие што сакаат да учествуваат на тие кампови. Се организираат и онлајн часови од Агенцијата коишто се во некој видео формат., “ вели Јорданов.
Јорданов смета дека треба да се промени целиот пристап и начин како да го негуваме македонизмот како поим во светот, не само во Македонија, затоа што тука имаме уште поголем проблем.
„За жал нашите Академици не успеале до сега да ги стават своите трудови на интернет, за да можат да бидат достапни на глобално ниво за сите. За секој што ќе побара-Што е тоа Македонија, да чита од македонски историчари. За таа цел ОМД, ја преведе книгата „Македонија“ од проф.д-р Бранислав Светозаревиќ, па секој што ќе го интересира за Македонија, ќе може да го најде во оваа дело,“ додава Јорданов.
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја реализираат програмата „Родум од Македонија“.
Примарната цел на „Родум од Македонија“ што почна да се реализира од 2015, со две години прекин, е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Покрај тоа, ваквите активности можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поинтензивна соработка со дијаспората.