По последните случувања во скопската Зоолошка градина, денес со писмо се јавија и вработените.
Во дописот до медиумите се вели:
-Ние сме единствени во државата кои имаат можност и привилегија да се грижат за диви и егзотични животни и ги сакаме како свои деца. На минус 20, на плус 40 дење, ноќе ние сме со нив. За некои животни се грижиме и повеќе од 15 години секојдневно и веќе ги гледаме како дел од нашата фамилија. Секој ден животните добиваат најдобра нега, колку што можеме сме тука за нив, се тресеме над секое едно доколку само има дијареа, а не па за нешто повеќе.
Ако некого најмногу го боли загубата на некое животно, тоа сме ние. Исто како да сме изгубиле близок, боли кога ќе не напушти некое животно, бидејќи даваме се од себе да добијат првокласна храна, да имаат постојано свежа вода, грижа, љубов и внимание. Смртта на трите преживалски коњи длабоко не погоди сите и сметаме дека се работи за некој монструм скриен меѓу нас или некој однадвор што работи за политички цели. Не можеме да разбереме како некој може да се одмаздува преку смрт на невини животни. Коњи кои беа сосема здрави, кои од кога беа дојдени кај нас никогаш не се разболеа, а сега одеднаш еден по друг ненадејно умреа…
Јасно е дека се работи за намерно убивање на овие прекрасни суштества, но постојат и многу други диверзии кои се прават како хајка заради нечие лично незадоволство или политички поени. Имавме дури и смрт на жирафа, поради ветеринарката која ненавремено и несоодветно постапи во лекувањето, а против неа е поднесена и кривична пријава и веќе не работи во зоолошката. Во опасност се изложени и сите чесни вработени, кои страдаат цел овој период, гледајќи како се случуваат несфатливи работи кои само психопат би ги направил.
Апелираме до Градот Скопје, да не ја заборави нашата институција и да се избори за правда за овие животни, но и на вработените и менаџментот кои несебично градината ја сакаат како свој дом. Апелираме и до сите институции, случајот да се истражи до крај и да се пронајде виновникот монструм, да заврши зад решетки и да не се дозволи повторно ниедно животно да страда, а ние сите да бидеме оцрнети.
Во јавноста се лиферуваат и лажни вести дека сме давале расипана храна, а нашите животни јадат поубаво и поздраво и од нас. Секој ден по табличка добиваат првокласно овошје и зеленчук, месо, сено, јаткасти плодови. Секој може да дојде и да се увери во тоа низ градината… Макотрпната работа и нашата неизмерна љубов кон животните е сега на тапет и оцрнета поради некој убиец/злосторник чија цел беше очигледно токму ова.
Благодариме на сите благородни души кои знаат за нашиот труд и љубов кон животните и за емпатијата која ја имаат и кон животните и кон вработените. Да не заборавиме дека ние сме тука за животните, а не тие за нас и најважната работа е нивната благосостојба.
Политиката настрана од ЗОО Скопје, животните не знаат за партии и политики и не треба да бидат мета за нечии политички пресметки!