Членовите на Државната комисија за спречување на корупција информираа дека постапувајќи по пријава од непознат подносител, дека назначениот заменик директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (АЗПСП) не ги исполнувал условите од конкурсот за заменик-директор, а сепак е избран од Собранието на Северна Македонија, откако неговиот избор поминал низ собраниската Комисија за прашања на избори и именувања.
Станува збор за заменик-директорот на Агенцијата Блерим Исеини кој до ДКСК лично доставил документ дека завршил Факултет за новинарство во Тирана и покрај тоа што според Законот во кој се наведени критериумите за оваа фуникција неопходна е диплома за завршени правни науки.
-Од страна на Агенцијата е доставено одговор дека се доставуваат сите документи кои се наоѓаат во персоналното досие на заменик-директорот, во кои не се наоѓа доказ за завршено високо образование. Во дописот се наведува дека имајќи во предвид дека заменикот на директорот на Агенцијата го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија по предлог на Комисијата за прашања по изборите и именувањата, како и фактот дека освен доставените документи во досието на именуваниот нема други докази за исполнување н законски предвидени услови, согласно член 32 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се предлага бараните докази да се обезбедат лично од именуваниот функционер или од Собранието. Се обративме и до Собранието кое не извести дека документите се вратени. Се обративме и до функционерот лично, кој донесе документи – нострифицирана диплома од Министерството за образование и наука, меѓутоа дипломата се однесува на завршен факултет за новинарство во Тирана. Со тоа, не е исполнет условот од членот 32 од Законот кој што бара кандидатот да има високо образование со стекнато најмалку 300 кредити според ЕКТС или 7/1 степен на образование од областа на правните науки, нагласи претседателката на ДКСК Билјана Ивановска образложувајќи го предметот.
Членовите на ДКСК на седницата разговараа да поведат иницијатива за негово разрешување од заменичката функција во Агенцијата, но во натамошната дискусија тие се сложија да побараат дополнително одговорност и од пратениците – членови на собраниската Комисија за избори и именувања кои спротивно на законот гласале за неговиот избор.
-Случајот не ги опфаќа кривците кои се одговорни за ова. Тоа е Собранието. Мора да се опфати за одговорноста и таа Комисија која го поминала тој човек. Треба да се разреши, а тие кои се причина вака ќе поминуваат неказнети. Ова не е само политичко влијание, туку е криминал. Мора да се знае кој го прекршил законот и гласал во име на политиката, рече членот на Комисијата, Нури Бајрами.
Членот на Комисијата, Софка Пејовска Дојчиновска, која денеска беше избрана за потпретседател на ДКСК, потсети дека според законот пратениците не можат да се повикаат на одговорност.
Членот Шемси Салаи посочи дека не гледа одговорност кај лицето кое конкурирало во тој оглас, туку смета дека одговорноста е на Комисијата и лицата кои вршеле селекција при неговиот избор.
Претседателката на Комисијата, Ивановска предложи нивната инцијатива привично да биде поведена за разрешување на заменик директорот да се повлече и целиот предмет одново да го разгледаат, да ги преиспитаат сите околности, како и нужноста да се погледне записникот од седницата за да се види кој од членовите на собраниската Комисија гласал за неговиот избор по што ќе поведат нова постапка за овој предмет.
Исто така, членот на Комисијата Катица Николовска истакна дека одлучика да постапат по пријава пристигната од непознат подносител со наводи дека се спрема избор на заменик Народен правобранител и се планира да се именува кандидат кој што е спротивно на сите законски прописи, односно не ги исполнува условите, но и дека со поводена постапка има изречено кривични санкции. Таа потенцира дека состојбата за оваа функција во оваа институција е променета побара нивното натамошно постапувањето по овој предмет да се запре, а предметот да се затвори и да се архивира.
-Од сите институции побаравме кои што беа вклучени или имаат некои добирни точки со потврдувањето на професионалните способности, постапувања во однос на докажување вина. Обезбедивме документи од соодветниот суд каде што беше наведено дека лицето работи во однос на потврдување на компетенциите дали ги исполнува или не, од МВР побаравме докази во однос на валидноста на документите за кои што се велеше во наводите дека се фалсификувани. И она што произлезе од нашето испитување е дека навистина сите овие наводи се потврдуваат. Имено, кандидатот воопшто не ги исполнува образовните перформанси, нема соодветно образование, за наведената позиција, дека како вработен во МВР поради фалсификат на документ за завршено образование му бил прекинат работниот однос. Се обративме и до Народниот правобранител да не извести за состојбите и активностите кои што ги има преземено по овие сознанија и настани. Од таму не известија дека од нивна страна е доставено до Собранието барање за повлекување на номинација на членови за кандидати за заменици народни правобранители. Променета е состојбата. За тие канцеларии се уште не е пополнета позицијата, дел од тие се уште празни, но видно е дека самите институции кои што се задолжени за постапување веќе постапиле и состојбите се променети. Ценевме дека нема елементи за наше натамошно постапувањето по овој предмет да се запре, а предметот да се затвори и да се архивира, рече таа.