Слики направени од телескопот „Џејмс Веб“ ги покажуваат последните фази од „суштествувањето“ на ѕвезда. Телото е од видот „бело џуџе“ (масивно густа ѕвезда приближно голема колку просечна планета), и е оддалечено од Земјата околу 2.600 светлосни години.
Сликите објавени од меѓународен тим астрономи покажуваат прстенеста маглина – тело со тркалезен облик со дупка во средината.
Маглина е термин што се користи за ѕвезда што ја разлева својата содржина во Вселената во мигот на згаснување, создавајќи „прстени во живописни бои, со меурчиња кои се шират и пукаат“, како и облаци и прашина. Како што пренесува „Гардијан“, слична судбина го чека и нашето Сонце за неколку милијарди години.
– Се очекува ѕвездите како Сонцето „да го завршат својот живот“ во фазата на бело џуџе со отфрлање на нивните надворешни обвивки, што потоа се обликуваат во прекрасни планетарни маглини осветлени од зрачењето на жешко јадро, односно белото џуџе, рече почесниот професор по физика и астрономија на Универзитетот на Лондон и водач на астрономскиот тим, Мајкл Барлоу.
Шарените појаси во маглината се создаваат од хемиски процеси што испуштаат светлина на различни бранови должини. Со анализа на сликите, астрономите се надеваат дека ќе научат повеќе за сложените процеси каде што се создаваат маглини и животот (опстојувањето) на ѕвездите и елементите што тие ги отфрлаат во Вселената.