Европската фудбалска федерација (УЕФА) му изрече парична казна во износ од 40.000 евра на бугарскиот фудбалски клуб Левски за инцидентите кои навивачите на клубот од Софија ги предизвикаа минатиот четврток во Скопје на натпреварот од второто коло во Конференциската лига против македонскиот претставник Шкупи.
Бугарскиот клуб објави вечерва дека глобата е изречена поради „дискриминаторско однесување на трибината на која беа сместени навивачите на Левски, вклучувајќи и скандирање на етничка основа и политички пораки, како и инциденти во секторот со гостински навивачи“.
Дополнително, Дисциплинската комисија на УЕФА му наложи на Левски забрана организирано да носи свои навивачи на следното гостување во европските купови, а во случај на нов инцидент следниот натпревар на домашен терен ќе го одигра пред делумно затворени врати на стадионот „Виваком Арена – Георги Аспарухов“ во Софија.
Одлуката на Дисциплинската комисија на европското раководно тело се уште не е објавена на официјалниот сајт на УЕФА, а не исклучено казна да му биде изречена и на Шкупи.
Поради инциденти поврзани со натпреварот меѓу Шкупи и Левски (0-2), кој се одигра минатиот четврток на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, а на кој допатуваа околу 900 навивачи од Бугарија, македонската полиција приведе 21 лице, меѓу кои 19 приврзаници на Левски.
Во инцидент што се случи во Чаир еден навивач на бугарскиот клуб беше избоден со нож.
Реваншот е на програмата в четврток во Софија и според најавите од домашниот клуб дуелот ќе се игра пред полни трибини.
Левски соопшти дека сите 30.000 влезници се продадени, додека Шкупи објави дека навивачи на македонскиот клуб нема да патуваат во Софија.