Детето убиец, Коста К. завчера наполни 14 години, а роденденот го прослави во психијатриска клиника во Белград, каде речиси три месеци е во строга изолација, опкружен со лекари и полицајци, информира курир.рс.
Тој е сам во собата, нема контакт со надворешниот свет, а единствените луѓе кои комуницираат со него се лекарите, кои имаат задача да утврдат дали боледува од некоја ментална болест, растројство или има некои други психички нарушувања или проблеми кои го прават опасен за околината.
-Тоа што на момчето-убиец не може да му се суди и дека не може да оди во затвор ја вознемирува јавноста. Момчето го испланирало своето злосторство, а на 3 мај избрало да го спроведе својот монструозен план токму затоа што бил свесен дека нема да одговара според законот – вели извор на курир.рс и објаснува:
-Сепак, тоа што нема да оди во класичен затвор не значи дека ќе биде на слобода. Многу е реално ова момче да остане во затворена установа, односно во психијатриска установа, долго, долго, постои можност и до крајот на животот.
Изворот на курир.рс објасни што тоа конкретно значи.
-Овој ученик од ОУ „Владислав Рибникар“ моментално се наоѓа на психијатриска клиника со согласност на неговата мајка. Мајката може да ја повлече таа согласност, но тоа не би значело автоматски ослободување на убиецот. Затоа, во случај мајката да ја повлече согласноста, за понатамошната судбина и задржување на момчето би требало да одлучуваат експерти, комисија од психијатри и психолози. По нивните констатации и мислење за неговата психичка состојба и можноста да се разбере што направил, конечната одлука дали може да биде ослободен, што е малку веројатно, би ја дал судијата – ја објаснува постапката соговорникот на курир.рс:
-Значи, судот го дава последниот збор дали момчето убиец може да биде пуштено, условно кажано, на улица! Со оглед на тежината на делото, неговите последици, начинот на извршување, ладнокрвноста на сторителот и други околности, речиси е невозможно тој некогаш да се најде надвор од ѕидовите на психијатриска установа.
Дека момчето убиец имало одредени проблеми се наведува во отворените писма на родителите на жртвите од масакрот. Една мајка го започна своето болно писмо со зборовите „до родителите на нелекувано момче“.
По масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“, Министерството за здравство предложи одредени решенија за измена на Законот за заштита на лицата со ментална попреченост. Така, во иднина децата до 14 години кои вршат кривични дела треба да бидат сместени во посебни одделенија на психијатриски установи со обезбедување, а таму ќе можат да бидат без согласност на нивните родители или старатели, со кои може да се забрани секаков контакт.