Она што со години не им успеа на многу менаџери, вечерва му успеа на претседателот Стево Пендаровски! На едно место, заедно, по толку години ги собра членовите на култниот бенд „Леб и сол“.
Пендаровски на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот со „Орден за заслуги ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол”, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.
А како и што доликуваше гости беа дочекани со леб и сол, традиција која не е само наша, и секаде значи дека гостите се добредојдени, но само кај нас, како што рече Пендаровски, во македонскиот јазик, тој израз има и друго, посебно, дополнително значење, „Леб и сол“ oзначува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер.
Церемонијата почна со интонирање на македонската химна на оперската певица Весна Гиновска -Илкова, која исто така на влезот се послужи со леб и сол.
Во својот говор претседателот се осврна на значењето на се она што го направија членовите на овој легендарен бенд, но на крајот јавно им се обрати:
-Вашиот професионален опус е доволен за барем уште десет вакви одликувања, но, на сите нас, а посебно на младите генерации во овие сложени и грди времиња, потребен ни е нов албум од вас, во овој формат. Размислете, им порача Пендаровски.
Но, за љубителите на нивната музика, иако не доволно, сепак, добро е и ова, на едно место да се видат четирите легенди, иако не седеа заедно.
Орденот најпрво го прими Бодан, кој рече:
-Не сум од оние луѓе кои се борат за награди и трофеи. Последните награди ми беа за последниот албум и можам да кажам дека во последно време не ни очекував дека некј ќе помисли повеќе на мене. Свирам со „Леб и сол“ во една друга формација, не во оригиналната. Наградава ја добивам во вистински момент на својата возраст, кариера и живот и за сето ова сум бескрајно сум благодарен на сопругата и семејството, рече Бодан.
Кокан Димушевски се заблагодари со, како што рече „ливче“.
-За мене зборувањето е најтешкиот дел, но имам ливче. Има две нешта во животот кои се најважни. Едното е семејството, а другото татковината. Да го негуаме семејството и да си ја чуваме татковината Македонија, рече тој.
Влатко Стефановски во својот говор ги спомена сите од екипата кои придонеле групата да функционира беспрекорно.
-Кога почнував не можев ни да сонувам дека еден ден ќе се случи вакво признание и ваква чест. Има една фраза која вели дека наградите зборуваат за оној што ги доделува, а не за оној што ги прима. Драго ми е што имаме претседател рокер, рече Влатко.
Гаро, во свој стил ги насмеа сите.
– Чест ми е што добивме вакви награди, за кои цел живот сме работеле, сме се труделе, тоа ни било зацртано. „Танец“, Мајовци, „Копачка“ се мојата инспирација. Со одење на Монтре сватив дека ова е голема работа и оригинална. Се надевам дек моето свирење е инспирација за други тапанари и дека тој македонски ритам кулминирал кај нив. Имам 70 години и ова признание за мене е голем куриозитет. Му благодара, на претседателот, на моите другари Бодан, Коки и Влатко, и на македонскиот народ кој не поддржа. Бевме навистина најдобра група во Југославија. среќен сум на моето семејство, сопругата и децата, кои се многу успешни. мисламд ека мојата традиција оди понатака и моите деца сакаат да ја претставуваат музиката на Македонија во светот. Наградата ја посветувам на семејството, ја заслужуваат, бидејќи е нешто што оди понатака, рече Гаро.
На церемонијата присуствуваа многу познати личности од јавниот живот.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски