Никој не сноси одговорност при донесувањето на урбанистичките планови во општините па дури и во случаи кога се утврдува постоење на одредени неправилности во истите, рече денес при своето гостување во емисијата Стадион на Канал 77, Јане Димоски советник во Општина Центар и активист во невладината Шанса за Центар, потенцирајќи дека иако постојат правилници со јасно дефинирани одредби сепак нејасното дефинирање на некои поими даваат можност за манипулација.
- Многу интересна е таа одредба што е јавен интерес, има пет параграфи во законот за урбанистичко планирање, но воопшто не е дефинирано што се смета за јавен интерес и тоа се користи од страна на транспорт и врски при барањата за суспензија, од таму велат не е докажана штета по јавниот интерес не знаејќи при тоа што мислиме со тоа јавен интерес, тоа е една задна врата оставена за да може да си толкува кој како сака, вели Димоски.
Андријана Андреева, директор на агенцијата за планирање на просторот пак истакнува дека сите општини имаат свои планерски куќи кои треба да бидат свесни дека при изготвувањето на урбанистичките планови треба да го почитуваат генералниот план, а општините и локалната самоуправа треба да бидат контролори на истото.
Прашана дали постои некаков државен инспекторат кој го проверува почитувањето на генералниот урбанистички план од страна на општините, Андреева вели дека инспекција постои но сепак секоја општина сама го врши надзорот над она што се гради.
- Секоја општина излегува на терен и ги гледа недостатоците и дали градењето е во согласност со тоа за што е дадена дозвола со тоа што е изградено, тоа останува повторно на локалната самоуправа, истакна Андреева.
Таа посочува дека генералниот урбанистички план се изготвува и се изгласува на Советот, а потоа врз основа на истиот се прават деталните планови кои мора да бидат усогласени со генералниот.
- Секој еден детален план оди повторно во градот кој што го донел да провери дали е во согласност со генералниот план, има многу инстанци за да можат да дојдат до советниците, кога ќе поминат сите тие инстанци значи нештата се проверени, потоа следуваат дозволи за градење, нагласува Андреева.
Долгогодишниот и докажан архитект Душанка Шуловиќ пак вели дека профитерски урбанизам е она што му се случува на Скопје во периодот од 2014та, а токму тој во спрега со политиката го има најголемото разорно дејство во нашиот главен град.