По повеќемесечна предистражна постапка координирана од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од страна на МВР е реализирана акција и по поднесената кривична пријава, предметниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 15 лица.
Врз основа на спроведените предистражни дејствија постои основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела и тоа: 11 лица сториле кривично дело Злосторничко здружување од чл.394, од нив деветмина се осомничени дека сториле и кривично дело Даночна измама од чл.279-а, додека третоосомничениот освен за овие две кривични дела, заедно со останатите четворица осомничени и осомничените правни лица се товарат дека сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик.
Имено, во текот на месец октомври 2020 година, во угостителски објект во Скопје, тројца од осомничените, запознавајќи се преку заеднички пријател, формирале злосторничко здружување заради вршење на кривичното дело Даночна измама – соопшти денеска Обвинителството.
Притоа ги поделиле своите улоги, па така, првоосомничениот го користел својот должничко доверителски однос со едно правно лице, а второосомничениот бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи. За таа цел на располагање имале осум правни лица со кои реално, но не и формално управувале. Како раководно лице во УЈП, третоосомничениот иако немал надлежност, од вработените во УЈП, електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти.
Подоцна како членови на злосторничкото здружување се приклучиле уште осуммина осомничени при што двајца од нив имале задача да учествуваат во подготовка на потребната документација за формирање и промени во правните лица и подготвување на потребната документација за даночните пријави, како и за склучување на Договори за пребивање на данок со фиктивните гаранти. Шестоосомничената пак, како сметководител на дел од правните лица со кои располагале организаторите на здружувањето, била задолжена да ја подготвува фиктивната документација на правните лица до УЈП за даночната пријава ДДВ 04, а заради добивање на нелегален поврат на парични средства од данок на додадена вредност од УЈП. Двајца осомничени – вработени во УЈП, имале задолжение да ги одобруваат барањата за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок на правните лица, а тројца осомничени – управители на дел од правните лица, имале задача како даночни гаранти на даночни должници да склучуваат договори преку кои за возврат добивале стока – гориво, движен имот – луксузни возила или недвижен имот – станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица, со што противправно се стекнувале со парични средства во готовина, па врз основа на таквите фиктивни договори издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок до Управата за јавни приходи.
На овој начин, осомничените со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, го довеле во заблуда даночниот орган– Управата за јавни приходи и неосновано побарале и добиле враќање на Данок на додадена вредност од значителна вредност во износ од 51.626.637,00 денари или околу 840.000 евра.
Воедно, во временскиот период од 01.01.2021 година до 12.10.2021 година, во Скопје, третоосомничениот и останатите четири осомничени лица, како и осомничените правни лица, со намера да го прикријат потеклото на паричните средства, пуштиле во оптек пари во вкупен износ од 24.484.870,00 денари, за кои знаеле дека потекнуваат од кривично дело – Даночна измама.
Така, откако третоосомничениот ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел ги пуштал во промет во име и корист за неговиот син, кој исто така е осомничен во овој предмет. Притоа во име и корист за неговиот син бил купен недвижен имот – деловен простор со површина од 102 м2 во вкупна вредност од околу 150.000 евра и на име позајмица од осомничените правни лица во повеќе наврати, за оваа цел, му биле префрлани парични средства. Нелегални пари во износ од 15.259.870,00 денари, третоосомничениот со цел да ги легализира ги дал во готово на осомничено овластено лице кое пак во повеќе наврати, како дневен промет ги внело на сметките на своето правно лице, а потоа повторно во повеќе наврати – трансакции, на име на позајмица биле префрлени од неговото осомничено правно лице на осомниченото правно лице сопственост на синот на третоосомничениот.
Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка При Основниот кривичен суд -Скопје ќе предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, додека за останатите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.