Топлотниот бран се уште ја „пече“ јужна Европа, а температурите во централниот дел на Медитеранот се очекува да го достигнат својот максимум.
Ноќите ќе бидат и исклучително топли, што значи дека нема да има олеснување. Највисоката температура во Европа е забележана во понеделникот на југот на Шпанија, каде во Андухар изнесувала 44,8 Целзиусови степени, јавува Би-Би-Си.
Европската вселенска агенција објави дека на италијанскиот остров Сардинија денеска би можело да биде 48 степени и дека има предупредувања дека делови од Италија би можеле да доживеат екстремни горештини во следните 10 дена, пренесува информер.рс.
Во Рим уште две недели се очекуваат околу 40 степени Целзиусови, јави Би-Би-Си.
Шпанија минува низ топлотни бранови кои во понеделник ќе достигнат до 44 степени на југот на земјата. На шпанскиот остров Ла Палма и на континентална Грција избувнаа пожари, а во некои области беа забележани прекини на електричната енергија поради зголемената побарувачка за климатизери.
Шпанија, Италија и Грција ќе се соочат со екстремен топлотен бран, а Европската вселенска агенција предупреди дека Франција, Германија и Полска исто така ќе доживеат екстремни горештини во наредните денови, пишува Скај Њуз.
Шпанските туристички центри Мадрид и Севилја, исто така, ќе забележат температури над 40 степени Целзиусови, како и Атина каде иконскиот Акропол е привремено затворен за да ги заштити туристите од топлотниот бран.
Шумските пожари опустошија области во близина на грчката престолнина, а пожарникарите го елиминираа пожарот во близина на Куварас. Во меѓувреме, шумскиот пожар што во саботата избувна на островот Ла Палма на Канарските острови се уште беснее, а илјадници луѓе се евакуирани.
Светската метеоролошка организација предупреди дека е многу можно планетата да се загрее за повеќе од 1,5 степени Целзиусови до 2027 година. Многу земји на северната хемисфера достигнаа рекордни температури.
Најмалку 60 луѓе во Јапонија претрпеа топлотен удар, а повеќето беа испратени во болница. Во некои делови на Кина се забележани рекордни температури, вклучително и регионот Ксинџијанг.
Не е поштедена ниту Северна Америка, каде топлотниот бран ќе се прошири и следната недела. Во Феникс, Аризона, минатата недела температурата беше над 43 степени Целзиусови 17 дена по ред.
Долината на смртта во Калифорнија, меѓу најжешките места во светот, во текот на викендот достигна 52 степени.
-Земјата ќе стане „пекол“ ако овие топлотни бранови не ги охрабрат владите да се справат со глобалното затоплување – изјави експертот за клима од Универзитетот во Рединг, д-р Акшај Деорас. Човештвото треба да очекува „почести и поинтензивни“ екстремни временски настани доколку глобалните температури продолжат да растат со сегашната стапка, рече Деорас.