Луѓето треба да бидат што е можно повеќе физички активни, но и редовно да ги слушаат советите од лекарите и физиотерапевтите за да дадат сопствен придонес во подобрување или одржување на своето здравје – вели во интервју за ММС, физиотерапевтот Илија Жежов.
Овој пат, со него разговараме за важноста од физичката активност во текот на целата година, но и на што да внимаваме кога вежбаме во летните месеци.
Зошто сепак е важно да сме физички активни за време на целата година? Кои се придобивките од тоа во однос на целокупното здравје?
-Бидеќи сега е лето доста луѓе прават прекин со физичката активност поради топлото, но од друга страна пак, и доста луѓе се форсираат за да го постигнат посакуваниот изглед спремајќи се за летниот одмор. Согледано од стручен аспект јас често сугерирам луѓето да бидат физички активни.
Има една реченица во која се вели -без физичка активност нема добар и квалитетен живот! Затоа вежбајте, прашувајте и секогаш трудете се да имате добро како физичко, така и ментално здравје. Со вежбањето го отстранувате стресот во вас, се чувствувате расположени и ја исфрлувате негативната енергија која ја собирате во текот на денот како од работните обврски, брзиот начин на живот, така и од одредени луѓе кои се полни со негативност.
Некои луѓе се жалат дека е тешко да се вежба во топлите месеци. Која би била вашата порака до нив, како да си го олеснат процесот?
-Со вежбањето во летниот период треба да се внимава и да се вежба во одреден период во текот на денот, на пример:
Трчањето и правењето кардио да биде утрински најдоцна до 09 часот, додека фитнес и теретана да се вежба во периодот после 18 или 19.00 часот. За време на вежбањето користете повеќе течности како на пример ѓумбир, вода, лимон или консумирајте само вода. Не се препорачува физички напор за време од 11- 17 часот бидеќи тој период е период на многу топло време па така телото тогаш прави голем напор и може да дојде до несакани последици како слошување, колабирање и оптеретување на срцето.
Никако ме прекинувајте со физичка активност низ целата година но запазете ги овие стручни медицински препораки што ги посочуваме до вас. Патем и пешачењето е еден одличен начин да го активирате телото и истото е особено препорачливо за почетници. Потоа тука би ги споменал фитнесот и теретаната, пливањето ова се придобивки за кои телото ќе ви биде благодарно .
Како прекумерната употреба на технологијата влијае на нашето здравје? На какви проблеми се жалат пациентите кои по повеќе часа во текот на денот користат телефон, компјутер или друг тип технологија, а со тоа се и во седечка положба?
-Современата технологија влијае многу кај луѓето, бидејќи многумина се од 8 до 10 часа физички неактивни со работата. Луѓето кои работат компјутерска работа треба често да стануваат на секој час, да се истегнуваат или да прават канцелариски вежби, од тука потекнуваат низа здравствени процеси како спондилоза, дискус хернија дископатија и процеси на сколиоза, кифоза и лордоза.
Секојдневно се соочуваме со сите овие дијагнози преку кои вршиме и даваме здравствена дејност кај пациентите. Родителите да внимаваат на своите деца. Најголемите деформитети на ‘рбетот настануваат токму поради овие причини како резултат на мобилната телефонија и слабата физичка активност. Секоја чест за исклучоци кај кои гледам доста активности кај децата како кошарка, пливање и слично.
Кога сме кај пливањето, тоа е еден одличен избор за активност со која всушност активираат сите групи на мускули, така што оние кои имаат можност и сакаат тоа да го направат, без никакво размислување треба да започнат со пливање. Најдобро е да се плива во поголема површина како на пример море или езеро.
Дали и на кој начин може да се повредиме при физичка активност? Кои се најчестите грешки кои ги прават луѓето и каква е тука улогата на физиотерапевтите? Дали им помагате со масажи или на друг начин во зависност од евентуалните повреди?
-Најчести повреди се случуваат на спортските терени. Доаѓа до луксација на рамо, повреди на скочен зглоб, повреди на ‘рбет или фрактури на лакт, подколеница, шака, а кај одредени спортски активности доаѓа до кршење-фрактура и на клучната коска. Мора да бидеме доста внимателни, доколку се случат вакви последици веднаш да се отиде до најблиската амбуланта или клиника каде би се видело стручно што сè се има случено кај спортувачите.
За време на фитнес-теретана при кревање тежиски товар користете појас бидејќи при кревање на тежински товар може да се случи да дојде до препонска или ингвинална хернија која подоцна би била третирана хирушки, а исто така можат да се случат несакани последици и доста повреди со ‘рбетот и дискусите. Вежбајте, бидете активни, но внимавајте на дадените совети и препораки како би спречиле сериозни повреди.
Тука би кажал исто така дека при вежбање на нагли движења може да дојде до сецнување на врат, кичма или болка во ишијас, скршеница или контузија па ваквите повреди потоа барат прекин на физичката активност и истите подлежат под сериозно, велам сериозно третирање со физикална терапија која би дала и помогнала повредата целосно да се санира, а играчот или спортистот повторно да се врати и биде целосно спремен за нови физички активности кон спортските задачи.
Секако кај сите болести, но и луѓе што немаат никаков здравствен проблем треба да прават масажа.
Масажата е лек, благодет и убав здрав избор за телото да ве опушти, релаксира, ви ја зајакне мускулатурата да ви ја подобри циркулацијата и да го смири стресот во вас, а со тоа и да овозможи опуштена психичка благосостојба како на духот, телото така и на умот.
Кај сериозните актутни состојби препорачуваме ладни облоги, додека одредени проблеми ги третираме со методи од физиотерапијата кои ќе дадат одлични резултати во справувањето со проблемите кај луѓето кај кои настанале несакани проблеми.
Вања Мицевска