Во забавен парк во Крандон во американската сојузна држава Висконсин се заглавил ролеркостер, поради што патниците виселе наопаку во воздух три часа. Инцидентот се случил во неделата, а Си-Ен-Ен пренесува дека преплашените луѓе морале да чекаат прво 45 минути за локалните власти да успеат да најдат противпожарно возило со доволно долги скали за да ги спасат на висина од 30 метри. Потоа почнало и спасувањето на секој од патниците поединечно, а тоа траело со часови.
„Всушност се работеше за механички пропуст во текот на возењето и ролеркостерот заглавил во исправена положба“, посочил Бренан Кук од противпожарната служба во изјава за WJFW.
На интернет веќе кружат снимки на кои се гледа како спасувачите се искачуваат на ролеркостерот додека патниците чекаат. Во спасувачката акција учествувале десет противпожарни возила, десет возила на Итната медицинска помош и педесетина луѓе.