Од денеска е отворена платформа за онлајн пријавување на студенти на прва година на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. На наставните програми на македонски и англиски јазик има слободни места за 2236 редовни студенти, за 900 во квотата со кофинасирање и за 770 вонредни, што е на ниво на уписите од претходните години. Новина е што од претстојната студиска година на англиски јазик ќе се студира на програмата за Компјутерско инженерство, покрај веќе активните програми за на англиски за Општа медицина, Меѓународно право на Правниот факултет и постоечките групи на Филолошки факултет, Музичката академија – Џез со 3-4 групи на англиски и модерни танци.
-Новата програма Компјутерско инженерство на англиски јазик е во фаза на акредитација и до почетокот на конкурсот, ќе биде завршена постапката. Во моментот работиме на проширување на уште неколку групи на англиски јазик преку акредитирање, изјави ректорот Дејан Мираковски, кој на прес конференцијата го означи почетокот на приемот на документи за новите студенти.
Универзитетот ги ослободува од партиципација бруцошите кои се рангирани на првите места на повеќе факултети, со тоа што на медицинските науки се 40 најдобри, по 30 на Информатика, по 20 на Факултетот за природни науки, на Земјоделскиот, Правниот, Економскиот, Факултетот за бизнис логистика.
Според зборови на ректорот Мираковски, значајна е соработката со реалниот сектор, за што универзитетот има соработка со повеќе компании и тој број постојано расте.
-Порано ние ги молевме компаниите да земат студенти на пракса, сега тие покажуваат интерес за и за пракса и им даваат договори. Драстично е променет тој однос. На ваков начин ќе можат да си изберат добри кадри, рече Мираковски.
Истовремено, студентите имаат можност да влезат и во истражувачките проекти на универзитетот.
-Направивме сериозни напори за поврзување на студентите со нашите истражувачки лаборатории и студентите од оваа година ќе може да истражуваат со нас и во тој простор да работ на реални проекти, а со тоа да имаат и финансиски бенефити, кажа ректорот.
Што се однесува до странските студенти, во моментов, како што рече Мираковски, има околу 400-500 активни студенти и уште толку кои се подготвуваат, односно имаат подготвителна настава на македонски јазик или вкупно 1000 -1100 странски студенти.
Мираковски ги појасни информациите за наводната хиперпродукција на завршени лекари.
-Се работи за бројка на дипломирани на сите медицински студии. Кај нас не дипломираат само лекари, туку се работи за повеќе медицински гранки како Општа медицина, Стоматологија, Фармација, и тригодишните студии на Високата медицинска школа. Бројката на дипломирани лекари која циркулира во јавноста е далеку поголема од реалната/ Завршуваат по 90-100 студенти годишно на Општа медицина. Ќе треба уште долго време да се задоволат потребите на државата од лекари и далеку сме од хиперпродукција, смета Мираковски.
Покрај тоа што од денеска е отворена платформата за аплицирање, првиот уписен рок на УГД е на 21, 22,23 и 24 август, вториот на 6 и 7 септември, а третиот на 18 и 19 септември. Платформата за онлајн уписите постојано ќе биде отворена до завршувањето на третиот уписен рок.