За претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески, методологијата на Владата за покачување на платите од 5,3 проценти е неприфатлива.
-Владата даде некоја методологија, покачување на 5,3 проценти на платите, се надевам за сите синдикати да не е прифатливо. Македонскиот работник го интересира да кажат колку сега во моментов ќе му се покачи плата. Тоа што се предлага за 2025 или за 2028 година, до тогаш можеби 30 отсто од тие ќе одат во пензија, другите ќе ја напуштат државата, за кого ќе важи оваа методологија, изјави денеска Ристески пред почетокот на седницата на Економско-социјалниот совет што се одржува во Владата.
Ристевски рече дека тие бараат конкретно да знаат колку ќе биде покачувањето за да можат да ги известат работниците точно колку плата ќе имаат во сите засегнати сектори.
Економско-социјалниот совет денеска одржува седница во Владата каде што ќе се разговара за последните пресметки околу понудената методологија со кои треба да се уредат платите во јавниот сектор.
На седницата присуствуваат и сите синдикални организации коишто се членови во Советот.
На последната седница беше презентирана Методологијата за раст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 – 2025 година, односно зголемување на платите во период од 2,5 години.