Минатиот месец, јуни 2023, Министерството за здравство требаше свечено да ја пушти во употреба новата штипска Клиничка болница. Но овие активности, ако се земат во предвид состојбите на терен, мораа да почекаат, барем до 2026 година. Тоа е новиот рок којшто при последната посетата во Штип го посочи министерот за здравство Фатмир Меџити.
Ограден простор, затворени врати, обезбедување што не дозволува влез во градежниот простор и буквално никакво движење внатре кое што би укажувало дека нешто се работи или „гради“ во просторот зад оградата е моменталната состојбата на терен.
Кога Министерот Меџити пред речиси два месеца ја посети штипската Клиничка болница, беше во обиколка и на новиот објект. Не одговори на прашањето дали во моментов се работи во објектот, туку само кажа дека добро бил запознат со состојбите и сега и од порано, како и за сите опструкции и проблеми што ја следеле изградбата досегашната градба на болницата која веќе навлезе во осмата година од поставувањето на темелите. Сепак за какви опструкции и кој ги правел и зошто ги правел тие опструкции, Министерот не сакаше да каже.
„ Со сите сили и ресурси ќе се залагам болницата да се заврши,“ кажа Меџити. Тогаш напомена дека во периодот откако е министер со неговиот тим ги скенирале состојбите, по што ќе одлучат што понатаму.
Од тогаш поминаа речиси два месеца и најверојатно состојбите се уште се скенираат, со оглед на тоа што работите не се помрднати од мртва точка. Се погласни се и шпекулациите дека можно е и раскинување на договорот со Интракат. Овие податоци официјално никој не ги потврдува а дали тоа е и воопшто можно и под кои услови би можело да се случи не е познато, зошто според информациите од проектната единица во Министерството за здравство, која работи како координатор на изградбата на болницата, и овој договор е со клаузула на доверливост.
Над 200.000 жители од Истокот ја чекаат изградбата на новата Клиничка болница
„За жал не гледам реални шанси за што поскоро привршување на изградбата на долго на новата Клиничка болница во Штип, што мене па и сите лица со попреченост не става многу често во ситуации да сме принудени да патуваме во Скопје и за наједноставните прегледи. Тоа е особено проблематично кога станува збор за лица кои се зависни од туѓа помош, па затоа ставањето во функција на Штипската Клиничка болница е и повеќе од неопходно и значајно за нас, што повторно ќе кажам не мислам дека ќе се случи во догледно време, вели Драги Витанов, претседател на Здружението на слепи лица во Штип.
Драги Витанов
Дека нешто ќе се промени во догледно време, не се оптимистични ниту останатите наши соговорници.
„Очекувањата се големи, но кога нешто се гради толку време а крајот не се гледа, надежта полека спласнува…Отворањето на нов објект ќе биде добро за сите, не само за штипјани, туку за цела Источна Македонија…Кога ќе се измешаат и политички и бизнис интереси, исходот е споменик…коментираа пациентите коишто ги затекнавме во кругот на штипската Клиничка болница.
Повлекувањето на предлогот за стечај на Интракат, не ги поместија работите од „мртва точка“
Кога минатата година штипски Бетон го повлече предлогот за отворање на стечајна постапка за Интракат поради долг кон фирмата која всушност беше подизведувач на градежните работи на болницата, се претпоставуваше дека работите ќе тргнат од „мртва точка“, сепак тоа не се случи.
Штипски „Бетон” и грчки „Интракат” во септември 2022 направија вонсудски договор и го откочија проектот за изградба на новата Клиничка болница во Штип. Подизведувачот „Бетон” по тригодишниот судски спор, со медијаторство на штипскиот градоначалник Иван Јорданов, се откажа од каматите и прифати долгот да се исплати на рати. Беше наплатен само основниот долг, без камати, некаде околу 1,7 милиони евра.
„ Ова е со цел регионов да го добие долгоочекуваниот објект, кој е од голема важност за сите,“ кажа тогаш директорот на Бетон, Ванчо Мијалчев.
По овој период јавноста како да имаше впечаток, дека Бетон ќе ја продолжи изграбата на болницата но на терен не се случи ништо.
„Со наплатата на долгот, ние прекинавме секаква соработка, и не знам зошто луѓето се уште не поврзуваат со Клиничката болница,“ ни изјави Мијалчев, осум месеци по направениот вонсудски договор со Интракат.
Според она што може да се види на терен, не работи никој, но според одговорот што го добивме од Проектната единица во моментов на КБ Штип се работи на изведба, а изведувач е Интракат, пишуваше во дописот.
Премолчи и Министерот, молчат и од проектната единица, дека всушност на болницата ништо не се работи.
Дека ништо не се работи потврдуваат и бројките. Од основниот буџет на Министерството за здравство за оваа година не е уплатен ниту денар на сметката на Интракат. Иако биле предвидени 55.250.000 денари, нема префрлени пари за оваа намена ниту од буџетот за заеми иако биле предвидени 68.250.000 милиони денари.
Но за таа сметка за договорни услуги исплатени се речиси 2,5 милиони денари. На кои фирми се исплатени овие сретства и за какви услуги станува збор, не добивме одговор од Проектната единица. Наместо бараниот одговор добивме линк од Отворени финансии.
Последната уплата од буџетот на Министерството за здравство до Интракат, според достапните информации од ОТВОРЕНИ ФИНАНСИИ е реализирана во јануари, 2022 година.Тогаш од основниот буџет биле исплатени околу 60.000.000 денари.(59.367.205 денари).Во 2022 година од буџетот за заеми за договорни услуги биле издвоени 18.300.000 денари а потрошени се 10.729.039 денари. Во оваа година издвоени се и 9000 денари за материјали и ситен инвентар.
Во 2021 имало две уплати и двете во месец декември, по 100.400.000 денари или вкупно 3.259.120 евра. Во оваа година за договорни активности имало издвоено 38.300.000 денари, но за оваа намена потрошени се 25.984.940 денари.
На прашањето до проектната дали се обезбедени и од каде се обезбедени средства за изградбата на КБ одговорија-
Од Буџет обезбедени се: 25 402 353 ЕУР (68.82%)
Од кредит обезбедени се: 11 506 308 ЕУР (31.18%)
Скратен буџет и никакви градежни активности
За изградба на штипската Клиничка болница од Буџетот за 2023 година беа испланирани 600.000 евра помалку средства во споредба со ребалансот на буџетот, а било предвидено дополнително да се зема и заем, но од каде,тогаш не беше кажано, а одговорот изостана и сега на поставеното прашање до проектната единица. Министерот за здравство при посетата на Штип и Клиничката болница кажа дека пари во буџетот имало, но зошто не е издвоен ниту денар до сега, не кажа. Не одговори ниту на прашањето дали се обезбедени средства преку заеми, како што впрочем беше најавено дека ќе се заокружи изградбата на Клиничката болница.
Во новиот буџет зa 2023 година се планирани 85 мил. денари од основниот Буџет и 72 мил ден. од заеми, но со оглед на динамиката на работата, по се изгледа овие пари нема да бидат искористени, ако во меѓувреме не се променат работите.
Темелите на новата Клиничка болница беа ставени на 3 март 2016 година и според тогашните најави болницата требаше да биде завршена за две години, во март 2018 год, но денес по 7 години завршени се само 40% од градбата, барем така тврдат од Владата.
Откако во 2016 година со 27 милиони евра кредит од Банката на Советот на Европа, започна изградбата на новата клиничка болница во Штип, истата запре заради долг на изведувачот кон штипски „Бетон“ како подизведувач. Банката го запре финансирањето заради доцнење на изградбата, по што Владата одлучи да ја финансира изградбата.
Интракат груп ја презеде грчката фирма „Актор“
Грчката фирмата „Актор“, која на пошироката јавност стана позната по големиот корупциски скандал и сомневањето дека се испрани 28 милиони евра со изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, премина во сопственост на „Интракат груп“. Тоа е уште една грчка компанија, која владата на ВМРО ДПМНЕ и’ додели тендер за изградба на новата Клиничка болница во Штип. Седум години подоцна, изградбата на болницата е на половина, финансиерот – Банката на Советот на Европа го повлече финансирањето, а ангажираниот подизведувач „Бетон“ – Штип отиде во стечај и сега е во фаза на реорганизација.
Грчката компанија „Интракат“ остана на градилиштето, но без пари и сигурно финансирање болницата веќе две години речиси и да не мрднува од место.
Министерот Меџити најави активности -Што понатаму со штипската Клиничка болница но откако ќе се скенира состојбата. Побарано е од Министерството за здравство за Владата да се изготви извештај, но за која намена, владиниот портпарол немаше информација.
Решение мора да се најде, зошто како што призна и самиот Министер како пациент не би се лекувал во сегашната болница, но додека ја чекаат новата клиничка болница, тоа мора да го прават 200.000 жители од источниот регион на земјата.
„Изјавата на Министерот за здравство којашто ја проследија речиси сите медиуми, мислам дека не беше соодветна и фер спрема пациентите коишто без разлика на условите се принудени да се лекуваат во оваа болница кон која гравитираат над 200.000 пациенти,“ вели директорот на Клиничката болница Штип, Ален Ѓеоѓијев.
Тој не сакаше да коментира зошто не се работи на новиот објект на Клиничката болница. Но во врска со последиците коишто би можеле да произлезат од одолговлекувањето на градбата ги потенцира условите во коишто сега се работи.
„Здравствените услуги што сега се даваат ќе се даваат и во новата Клиничка болница. Проблемот е во условите за работа и условите за престој на пациентите како и условите во кои работи персоналот. Тие услови се катастрофални, но не може да се каже дека здравствени услуги не се даваат,“ додава Ѓеорѓијев.
Кога пред седум години беа ставени темелите на новата зграда на новата штипска Клиничка болница, раководството вети дека работите ќе завршат до март 2018 година. Кога се надминаа проблемите со изведувачот, грчки Интракат, беше даден нов рок, јуни 2023 година. Но и овој рок помина, во моментов завршени се само 40% од градежните работи. Министерот даде нов рок, 2026 година.
Весна Крстева
Оваа новинарска сторија е изготвена во рамките на проектот „Заштита од корупција“ што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на сторијата е единствена одговорност на новинарот и медиумот.