Од зголемувањето на ДДВ–то на електричната енергија од 1 јули Владата нема да се откаже, бидејќи веќе еднаш поради кризата беше одложено враќањето на данокот. Вака одговори министерот за финансии Фатмир Бесими, кој објасни дека враќањето беше пролонгирано лани во јуни кога од тогаш до овој јули остана на 10 отсто.
– Во текот на справувањето со кризата владата излезе со сет мерки, меѓу кои и намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 отсто. И тогаш беше презентирано дека во секоја фаза како се одеше со даночните олеснувања. Потоа тоа се зголеми на 10 отсто и враќањето на 18 проценти беше пролонгирано до јуни оваа година. Сега има нова Методологија од Регулаторната комисија за енергетика за обликот на кризата со која се мотивира штедењето на потрошувачката со воведување на четири блок тарифи, рече Бесими.
Со ова, ДДВ-то на сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар од утре се зголемуваат од 10 на 18 отсто.
– Во тој дел веќе се презентирани даночните инструменти. Намалувањето на ДДВ-то беше една фаза во првичната енергетска криза со негово намалување од 18 на 5 отсто. Потоа тоа се зголеми на 10 отсто и враќањето на 18 проценти беше пролонгирано до јуни оваа година. Сега има нова методологија од Регулаторната комисија за енергетика за обликот на кризата со која се мотивира штедењето на потрошувачката со воведување на четири блок тарифи, рече Бесими на денешниот настан во канцеларијата на ЕУ.
Бесими рече дека преку цената на струјата што ЕСМ му ја испорачува на ЕВН, е всушност субвенционирана цена и така им олеснува на граѓаните. Тие што помалку трошат, најмногу ќе го почувствуваат субвенционирањето, според Бесими и ќе биде компензација за зголеменото оданочување.
– Владата како сопственик на ЕСМ на Управниот одбор му даде насоки за цени пониски од цената на чинење и тоа значи дека ќе продолжиме со субвенционирањето. Нема да одиме со намалување на даночните давачки, туку со таргетирани мерки, изјави Бесими.
РКЕ ги објави новите цени на струја и остави простор Владата да каже дали ќе има зголемување на ДДВ. Владата, според изјавата на Бесими, нема да се откаже од данокот и според новите цени, цените во прва и втора тарифа се со минимални промени, додека за 10 отсто се зголемуваат во трет и четврти блок.