Основното јавно обвинителство информира дека австриската компанија, за која амбасадорот вчера испрати писмо до јавноста за неплатен долг од 4.5 милиони евра од фирма од Валандово, која е поврзана со екс премиерот Заев, до ОЈО Гевгелија поднело дури три кривични пријави за разни дела и страни и дека по овие пријави се постапува исклучително ажурно.
Во соопштението се вели:
-Наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава за кривично дело – Измама и Злоупотреба на службена положба. Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје, велат од ОЈО.
Во информацијата се наведува дека во меѓувреме, истото правно лице поднело пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Оштетување или повластување на доверители. -Пријавата е примена на 26.05.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења. До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице на 23.06.2023 година поднесе кривична пријава против НН службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за Несовесно работење во службата, Фалсификување службена исправа и Компјутерски фалсификат. Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители. Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно, се вели во информацијата од ОЈО.
.
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, вчера жестоко го искритикува македонското правосудство и побара да се разрешат сите судии и јавни обвинители, како и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, а се поврзани со семејството на Заев.
Според австриската амбасада, фирмата, која е должник влијаела на нотари, извршители и судски функционери, па затоа амбасадорот побара да се реагира за да се спречи криминалот.
Амбасадор исто така рече дека една од фирмите, преку која се испумпува имотот на фирмата должник, е во сопственост на Емилија Заева Костова, братучетка на Заев и сопруга на должникот Атанас Костов од Валандово.