Не е лесно да се стои на нозе, а камоли на сцена, после сѐ што поминавме. Ова што го правите вечерва беше последната желба на Кико.
Со овие зборови, штипјанецот Горан Коцев чиј син Кристијан почина пред неколку дена, се обрати од сцената на Домот за кулура „Ацо Шопов“ каде вчеравечер се одржа хуманитарен концерт.
Најактуелните имиња од домашната музичка сцена настапија во Штип на концертот кој се одржа во чест на дваесетгодишното момче кое боледуваше од ретката болест Атаксија-телеангиектазија. Средствата од продажбата на билетите требаше да бидат наменети за лекувањето на Кристијан во Турција, но откако тој тоа не успеа да го дочека, неговото семејство одлучи ваквиот хуманитарен настан сепак да се одржи, а собраните средства да се пренаменат за друго дете.
„Последните денови Кико беше свесен за сѐ што се случува и за сѐ што правите за него. Беше горд што неговата ни малку лесна животна битка, успеа да ги сплоти сите – и знајни и незнајни и сонародници и странци. Иако денес тој не е физички со нас, неговата сила се чувствува во оваа сала. Нам како семејство единствено тоа ни дава волја да продолжиме понатаму“, рече Коцев во емотивниот говор.
Тој додаде дека последните десет години за семејството биле пеколно тешки, но сепак, научиле да живеат со сите пречки.
„И покрај тоа што е пеколно тешко, ние како семејство изминатите 10-20 години се научивме да живееме со сите пречки, да бидеме среќни со она што го имаме и немаме. Навистина бевме среќно семејство, Кико уживаше во сѐ, а не тагуваше или барем не покажуваше тага за она кое му беше ускратено поради здравствената состојба. И покрај сѐ, Кико имаше свое друштво кое беше покрај него до последниот ден. Сега е ред ние со силата и упорноста на Кико да продолжиме понатаму“, порача Коцев.
Таткото на храброто момче порача дека зборот пари за нив имал значење само кога бил поврзан со прашањето за животот на Кико.
„Секој што се соочил со болката на родител кој изгубил дете и дел од себе, ќе ме сфати. Досега донираните средства, како и овие од вечерва ќе бидат пренаменети за дете или деца на кои им е потребна помош. Нашето семејство е во длабока жалост и бараме неколку дена трпение додека собереме сила да се вратиме во некаков приближно нормален ритам. Ние години наназад го лекувавме и ја одржувавме состојбата на нашето дете кај најдобрите професори во државата. Едниот педијатар, а другиот невролог – штипјанец кој веќе не е меѓу нас, а тоа е професорот Чепреганов. Од 2009 година Кико беше и на клиники во Франција и во Италија. Ние си знаеме како успеавме и во ниту еден момент не се жалевме“, порача Коцев.
Хуманитарната акција за третманот на Кристијан во Турција ја започна јутјуберот Стефан Лазаров кој на вчерашниот концерт ги замоли сите колку што можат да бидат позитивни, бидејќи како што рече, Кико тоа го заслужи.
„Знам дека нѐ гледа, дека ќе биде секогаш со нас, ќе се сеќавме на него. Кико ќе го паметиме како вистински борец, вечерва нема да бидеме тажни и ќе бидеме сите за Кико. Колку и да сакам да бидам позитивен вечерва, сите имаме сериозно голема тага во нашите срца бидејќи се боревме со Кико заедно до крај. Меѓутоа, тој ни докажа како е да се сплоти оваа држава и овој народ без да мислиме на политичка партија, на било каква припадност, а вечерва исто така ги спои најголемите музички имиња“, рече Лазаров придружувајќи ги на сцената родителите и сестрата на Кристијан, по што ги повика и неговите најдобри другари за да ги отпеат заедно неговите омилени песни.
Пејачот Драган Величковски Тајзи пак, посочи дека музиката е составен дел од животот и кога славиме и кога тагуваме.
„Неговата последна желба била да пееме, затоа ние тоа од срце ќе го направиме. Не знаеме до кога сме тука, но треба да носиме само љубов во нашите гради и да ја сакаме нашата земја“, рече Тајзи.
Освен него на сцената на Домот за култура во Штип настапија и 2 Бона, Tако, Pајак, Лина Пејовска, Огнен Здравковски, Барбара Ракичевиќ и Диџеј Боно.
Јутјуберот Лазаров информираше дека парите од билетите ќе бидат донирани за двегодишниот Војдан од Скопје кој има церебрална парализа. Информацијата за ММС ја потврди и неговата мајка Марија, која претходно во интервју раскажа дека Војдан е роден предвреме, а на тримесечна возраст почнал да оди на физикални терапии во Загреб.
Марија сега вели дека кај него има голем напредок, поради што е потребно рехабилитацијата да продолжи понатаму.
„Ќе треба уште многу да одиме до Загреб, но ние ќе се бориме до крај“, вели мајката на малиот Војдан за кој лани се обединија хуманите граѓани и донираа преку телефонските броеви кои беа активни во твој период, откако семејството не беше во финансиска можност да го покрие лекувањето.
В. Ми