Децата со Даунов синдром од Струмица денеска добија Клуб, сместен во Повеќенаменскиот социјален центар, поддржан преку проект од програмата „V2“ на Општина Струмица. Проектот е на Здружението за помош и поддршка на лица со даунов синдром „Вера“ од Струмица. Клубот е место каде децата ќе можат да се дружат, да добиваат помош при учењето и пишувањето на домашните задачи, родителите да се среќаваат, а семејствата да добиваат психо-социјална поддршка.
Претседателката на здружението „Вера“, Анче Туфекџиева, која е мајка на девојче со Даунов синдром на отворањето рече дека таа и останатите родители на деца со Даунов синдром имале среќа да живеат во Струмица поради разборањето на општината и поддршката што ја добиваат.
-Денеска една дамнешна желба станува реалност, а децата со Даунов синдорм стануваат свои на своето во една просторија која за нив многу значи. Нашето семејство 16 години живее со пријателот Даун и ние сме гласни кога се работи за нашите деца. Даваме пример дека ниту се заразни, ниту се болни и треба со наша помош, со сечија помош од општеството, да си го добијат своето место.Да бидат образовани, социјални еднакви за да можат да бидат самостојни и да живеат, рече Туфекчиева.
Отворањето на Клубот, како што рече градоначалникот Костадин Костадинов е плод на една 14-годишна успешна соработка со една од најактивните граѓански организации во Струмица – Здружението „Вера“.
-Клубот претставува едно убаво катче во кое преку игра, инклузивни и едукативни содржини им овозможуваме подобри услови и услуги на децата и младинците со даунов синдром и на нивните семејства. Ова што денеска се случи е потврда дека општина Струмица ја зајакнува соработката со граѓанските организации, Струмица потврдува дека е грижлив град во кој има место за сите, рече Костадинов.
Отворањето на Клубот е почеток на добрата намера да се создадат услови за дружење, учење и поддршка на децата со Даунов синдром и нивните родители. На отворањето беше најавено дека енергијата сега се насочува кон одржливоста, односно наоѓање на средства за натамошно функционирање на Клубот, во што како што кажа градоначалникот Костадинов, нема сомневање дека советниците ќе го поддржат и понатаму со општинскиот Буџет.
видео: ТВ Канал ВИС