Славица Ангелова од Струмица е победник во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“ за сезоната 2022/2023.
По деветмесечна музичка „борба“, работа и труд на менторите да им го приуштат најдоброто на своите кандидати, конечно триумфираше најдобриот. Публиката одлучи тоа да биде Славица, чиј ментор во шоуто беше Ѓорѓе Давид.
-Славица е филигран која од втор план влезе и направи сериозна приказа. Имавме некои емотивни проблеми во текот на натпреварот, но се разбуди на време, рече Ѓорге Давид пред прогласување на победникот.
А ни Славица вечерва не веруваше дека ќе биде победник. По прогласувањето таа рече:
-Пред сѐ благодарам на сите што гласаа за мене. Огромно благодарам и на мојот ментор Ѓорге Давид кој несебично се вложи во сите нас, не само во мене. Навистина сум фрапирана и ова реално не го очекував, рече таа.
Младата струмичанка вечерва во финалето освои 88.367 гласови.
Таа на македонската јавност ѝ стана позната во 2019 година кога со „Љубовта не боли“ настапи на Макфест, освојувајќи ја наградата за најдобар дебитант.