Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски изрази загриженост тоа што двегодишно дете ја напуштило градинката во Автокоманда и бара од Министерството за труд и социјална политика да ја разреши директорката на „Детска радост“.
– Сакам да изразам сериозна загриженост за безбедноста и сигурноста на дечињата кои ја посетуваат детската градинка „Детска радост“ во Автокоманда. Како родител на дете кое до неодамна ја посетуваше градинката сериозно ме вознемири информацијата дека двегодишно дете успеало да го напушти градинката без тоа да биде забележано од страна на вработената која е задолжена да се грижи за децата, изјави Стефковски.
Тој додаде дека информацијата за овој случај ја добил од загрижени родители во текот на вчерашниот ден. Стефковски вели дека недозволиво е дете, кое е оставено на згрижување во детска градинка, да го напушти објектот без воопшто да биде забележано.
– Очекувам министерката Јованка Тренчевска овој пат да постапи согласно Законот за заштита на деца, бидејќи одговорноста за случајот, но и за се во иднина е единствено во Министерството за труд и социјална политика, вели Стефковски
Тој бара од Министерството под чија надлежност е градинката „Детска радост“ да ја разреши директорката на градинката, бидејќи наместо соодветна постапка за утврдување на одговорност на вработената, директорката и изрекла мерка за усна опомена.