Шест активни предмети се водат во Обвинителството против струшкиот градоначалник Рамис Мерко, а има и неколку затворени во изминатите години. И за нив обвинителството ќе проверува, откако американскиот Стејт департмент, поради наводи за корупција го стави Мерко црната листа и му забрани влез во Америка.
Активните премети се оформени во периодот од 2015 година до мај годинава. Предметите се за кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување и Измама. Исто така, во текот на изминатите години против Мерко, како што соопштува Обвинителството, се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.
Истрагите против Мерко се по тужби од Финансиската полиција, здруженија на граѓани и група адвокати.
Во продолжение информациите од ЈОРМ:
Согласно евиденцијата на Јавното обвинителство, против лицето кое го наведувате активни се следните предмети: 1. КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга со дејствија за проверка на наводите.
2. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.
3. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.
4. КО бр.208/15 отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година.
5. КО бр. 15/22 отворен во ОЈОГОКК по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по истиот.
6. РО 55/19 предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против наведеното и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка.
-Исто така, во текот на изминатите години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, соопшти ЈОРМ.
Рамис Мерко во својот нов мандат како градоначалник, во анкетниот лист со имот објавен на сајтот на ДКСК, пријавил куќа, земјиште, деловен простор, стан во Албанија, како и друг имот.
Пријавата содржи деловен простор или дуќани од 1.200 метри квадратни во Струга со писмена вредност од околу 300 илјади евра, потоа куќа од 400 м2 вредна 200 илјади евра, исто така во Струга, како и стан од 106м2 во Албанија со писмена вредност од околу 35 илјади евра.
На листата има и две ниви и шума. Од пријавени парични средства, Мерко има девизи во вредност од околу 100 илјади евра, месечни приходи од кирија од 1.200 евра, како и две банкарски сметки во денари и девизи, без запишани износите не се запишани.