„Има листа на имиња кои се во процес на разгледување и кога ќе се утврдат сите факти САД ќе преземат мерки“, беше јасна во денешната изјава американската амбасадорка Ангела Агелер. Внесувањето на имињата во црната листа, според амбасадорката се донесуваат по обемни проверки и внимателно разгледување и ревизија, а таков е случајот и со внесувањето на името на струшкиот градоначалник Рамис Мерко во американската црна листа.
-Назначувањето на Мерко од страна на државниот секретар Блинкен е во согласност со законот на САД, кога постои цврст доказ за корупција за да се преземат мерки од страна на државниот секретар за санкции на таквото лице, со тоа што на ова лице и неговото семејство му е оневозможен влез во САД. Претпоставувам дека сте запознаени со изјавите, тие зборуваат сами за себе, го објаснуваат целиот процес, овој процес на назначување трае подолго, внимателно се спроведува, се врши ревизија на сите документи на се’ со што е утврдено. Има листа на имиња кои се во процес на разгледување, и кога ќе се утврдат сите факти, се преземаат мерки, рече амбасадорката Агелер.
Амбасадорката во изјавата упати и суптилна порака до власта, укажувајќи дека „не е на неа да сугерира следни акции на Владата и правосудството што би требало да преземат, бидејќи таа не е Македонка“, но САД ќе направат се’ да помогнат, да работат заедно со тие што имаат добра воља за процесите да се реализираат.
Како што е познато, САД го ставија на црната листа градоначалникот на општина Струга, Рамис Мерко, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата градоначалник на Струга, Мерко присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Македонија.