Клиниката Жан Митрев е во финални преговори за стратешко партнерство со Холандскиот фонд Балкан Алајанс Хелткер Б.В, со седиште во Амстердам . Ова го потврдија со соопштение од Клиниката, без прецизирање на финансиски детали.
Холандскиот фонд влегува во македонската клиника преку купопродажба на удели, потврди и Комисијата за заштита на конкуренцијата, која пред пет дена го објави известувањето. Комисијата ги повика заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација.
-Балкан Алајанс Хелткер Б.В. друштво основано согласно регулативата на Холандија, со седиште во ул. Стравинскилан бр. 1421, 1077ХХ Амстердам, Холандија, во рамките на својата инвестициона политика има намера да стапи во стратешко партнерство со Приватната здравствена установа – Клиничка болница ЖАН МИТРЕВ Скопје со седиште на ул. Бледски Договор бр. 8, 1000 Скопје преку стекнување на контрола со купување на мнозински удел, согласно одредбите од Законот за установите и Законот за здравствената заштита, соопштува Комисијата.
Доктор Жан Митрев останува на раководна позиција, соопшти Клиниката.
Клиниката Жан Митрев во соопштението пишува дека холандскиот фонд е формиран во 2006 година од страна на повеќе европски и американски инвестициски фондови како Southeast Europe Equity Fund II (SEEF II) менаџиран од SEAF – Small Enterprise Assistance Funds. Предводен е од David Lyle Mathewson и Andrei Christian Krikliwy кои се истакнати бизнисмени во делот на инвестициите во здравствениот сектор, телекомуникации, медиуми и финансии услуги. Во делот на здравствениот сектор имаат свои инвестиции во Албанија, Косово, каде поседуваат 6 медицински центри. Во планот за регионално проширување се: Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Турција и Романија. Вредноста на Фондот во моментов изнесува 320 милиони американски долари.