Наводите изнесени во постот, дека Путин спасува деца од „педофилските канџи на Западот“, се чиста измислица и теорија на заговор за која не постојат никакви докази, ниту факти. Судот во Хаг изаде налог за апсење на Путин за воени злосторства поради депортација на украински деца од окупираните територии во Русија. Тврдењето во постот е апсурдно имајќи предвид и дека токму деца на функционери на Кремљ студираат и живеат во западните земји – како што објави Си-Ен-Ен, децата на Дмитриј Песков, заменик-шеф на кабинетот и главен портпарол на Путин и на министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров
Пост на Фејсбук манипулира во врска со налогот кој го издаде Меѓународниот кривичен суд во Хаг за апсење на рускиот претседател Владимир Путин.
Да ги кажеме работите со вистинските зборови: “Педофилите од запад му се гневни на Путин затоа што ги спаси децата од педофилските канџи” !!!, се вели во објавата што ја анализираме.
Судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин поради воени злосторства извршени во Украина. Во соопштението на Меѓународниот кривичен суд се вели дека постојат разумни основи да се верува дека и Владимир Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лавова-Белова, се одговорни за: воено злосторство, илегална депортација на населението и нелегално преселување на население од окупираните територии на Украина, на штета на украинските деца.
Лавова-Белова, комесарка во Канцеларијата на претседателот на Русија за правата на децата, е санкционирана од повеќето западни земји поради нејзината наводна улога во киднапирањето деца.
Напорите на Лавова-Белова вклучуваат принудно посвојување украински деца во руски семејства, таканаречено „патриотско воспитување’ на украински деца, законски измени за забрзување на доделувањето државјанство на Руската Федерација на украинските деца и намерно земање на украински деца, објави американското Министерство за финансии во септември, пренесе Си-Ен-Ен.
Не може да се тврди дека судот во Хаг покренал обвинение против Путин, бидејќи „педофилите од запад му се гневни на Путин затоа што ги спаси децата од педофилските канџи“, а притоа, за ваквите тврдења да не се понуди никаков доказ. Не е првпат противниците на Западот да лиферуваат вакви измислени приказни дека западните земји се тие кои ги злоупотребуваат децата, а наводни херои, како Путин или Трамп, ги спасуваат од педофилски канџи. Вакви приказни се плетеа и сè уште се плетат за поранешниот претстедател на САД, Трамп, претставувајќи го како наводен спасител на илјадници деца. Вистиномер има пишувано за овие теории на заговор и очигледно истите се користат со цел да се величи ликот и делото на Путин, без притоа да им се погледне в очи на фактите.
А, она што е факт е дека не постојат никакви докази дека Путин спасува деца од „педофилски канџи на Западот“, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Ова е апсурдно имајќи предвид и дека токму деца на функционери на Кремљ студираат и живеат во западните земји.
Како што објави Си-Ен-Ен во април 2022 година, децата на најблиските луѓе на Путин живеат и студираат во западните општества, како што се децата на Дмитриј Песков, заменик-шеф на кабинетот и главен портпарол на Путин и на министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Ќерката на Песков учела на Ecole des Roches надвор од Париз — каде што годишната школарина е околу една четвртина од платата на нејзиниот татко, а воннаставните активности вклучуваат часови по авијација. Пескова го продолжила своето париско образование со стажирање во Луј Витон и диплома за маркетинг од француско бизнис училиште. Таа дури била и на волонтирање во Европскиот парламент. Според Антикорупциската фондација, Пескова и нејзината мајка купиле стан од речиси 2 милиони долари од 180 квадратни метри во 2016 година во една од најскапите париски населби, на авенијата Виктор Иго, лоцирана помеѓу Ајфеловата кула, Триумфалната капија раскошниот Bois de Boulogne.
Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров ја испрати својата ќерка на престижни универзитети во Лондон и Њујорк. Дури и ќерката на наводната девојка на Лавров навидум има корист од неговата влијателна позиција: таа објави нејзини слики на јахта, од австрискиот ски-центар и од вилата на плажа на богат олигарх, според Антикорупциската фондација. Полина Ковалева — која владата на Велика Британија ја нарекува „поќерка“ на Лавров, иако тој официјално не е оженет со нејзината мајка — поседува стан од 5,8 милиони долари во една од најскапите населби во Лондон, според неодамнешните санкции наметнати против неа. Антикорупциската фондација откри дека Ковалева го купила станот во Кенсингтон кога имала 21 година.
Многу помалку видливата ќерка на Лавров, Екатерина Винокурова, која сега има 39 години, беше на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што живееше 17 години, пред да дипломира на Лондонската школа за економија. И Ковалева и Винокурова неодамна беа санкционирани од Обединетото Кралство.
Самиот Путин не е исклучок од лицемерието на острата антизападна реторика. Една од неговите партнерки, кој наводно му родила ќерка, стана сопственик на стан вреден 4,1 милиони долари во Монако само неколку недели по раѓањето на детето, според истрагата на рускиот независен медиум „Проект“ врз основа на таканаречените „Пандора пејперс“.
Неговата најстара ќерка Марија, наводно, се омажила за холандски бизнисмен. Се вели дека парот живеел во стан вреден 3,3 милиони долари во Холандија. Вила со осум спални соби во Бијариц, Франција, пак, се тврди дека е на неговата помлада ќерка Катерина, како и замок вреден повеќе милиони долари, што го купил нејзиниот поранешен сопруг Кирил Шамалов од долгогодишниот пријател на Путин и милијардер Генадиј Тимченко.
Наводите изнесени во постот, дека Путин спасува деца од педофилски канџи на западот, се чиста измислица и теорија на заговор, за која не постојат никакви докази, ниту факти. Судот во Хаг, пак, издаде налог за апсење на Путин за воени злосторства заради во врска со депортацијата на украински деца. Според тоа, постот што го рецензираме, го оценуваме како невистинит.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.