Двократниот Формула 1 шампион Макс Верстапен во втор ред ја искористи пол-позицијата и го оствари својот шести триумф сезонава.
Возачот на „Ред Бул“ е победник на трката за Големата награда на Канада на патеката во Монтреал. За холандскиот возач ова е вкупно 41 победа во својата кариера, а јубилејна 100-та за „Ред Бул“. Со 41 победа на петтото место на вечната листа се израмни со легендарниот Бразилец Аиртон Сена.
Второто место го освои Фернандо Алонсо од „Астон Мартин“, кој во текот на трката ја доби битката против третопласираниот Луис Хамилтон од „Мерцедес“.
Зад нив беше тандемот на „Ферари“ од Шарл Леклер и Карлос Саинц јуниор, а потоа Серхио Перез („Ред Бул“). Бодови освоија и Алекс Албон („Вилијамс“), Естебан Окон („Алпин“), Ленс Строл („Астон Мартин“) и Валтери Ботас („Алфа Ромео“).
Верстапен убедливо води во генералниот пласман со 170 бодови пред Серхио Перез кој има 117, а трет е Фернандо Алонсо со 99 бодови.
Следната трка ќе се вози на 2 јули во Австрија.