Нема видлив напредок. За жал, можам да го прочитам истиот текст од мај, минатата година, и ништо и нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани сме и сега, без сериозен напредок. Тоа не се однесува само за Македонија туку за целиот регион. Со ова своето излагање го почна поранешниот претседател Бранко Црвенковски, кој по подолга пауза се појави во јавноста на трибина на тема: „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлински процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?“, организирана од Советот на амбасадори.
-Ова не важи само за Македонија, туку за целиот регион. Единствен исклучок е можеби Албанија, која ги почна преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите, тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи, рече Црвенковски.
Поранешниот претседател аргументираше, изнесувајќи факти за ЕУ интеграциите во регионот – Босна и Херцеговина, која доби кандидатски статус со 14 строги услови и без можност да ги користи фондовите. Косово, кое поради случувањата на север, има закани од санкции.
-Посебна приказна се Србија и Црна Гора, држави кои преговорите ги почнаа пред цели 9 односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на проширување тече споро, пред 3 го дини на иницијатива на Франција беше донесен предлог, а останатите земји членки ја прифатија новата Методологија. Токму поради тоа, а не поради бугарското вето, и покрај позитивната препорака на ЕК, Македонија не ги почна преговорите со Унијата, рече Црвенковски.
Според него, оваа нова Методологија го држи во застој процесот на интеграции во целиот регион. Факт е дека евроинтеграциите во целиот регион се во застој, со мали повремени исчекорувања, смета Црвенковски, според кој, како што рече „не постои простор за поголем оптимизам ни за наредните неколку години“.
Црвенковски промовираше иницијатива за можно поместување од мртва точка.
-Можниот начин е да се искористи Европкатас економска област формирана на 1 јануари 1994 година врз основа на договорот меѓу земјите на ЕФТА и Европската заедница, сега ЕУ. Преку овој договор Исланд, Лихтенштајн и Норвешка учествуваат во заедничкиот ЕУ пазар и без членство во унијата. За возврат тие се обврзаа да ги усвојат сите закони кои се однесуваат на ЕУ пазарите. Втора можна варијанта за да се избегнат замките за прием на нови членки, е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено, со кој ќе им се овозможи учество во заедничкиот европски пазар и можност за учество во европските фондови, образложи Црвенковски.
Тој оцени дека земјите членки на ЕУ се’ повеќе стравуваат за влијанието на кинескиот капитал и руското влијание во регионот, затоа овие идеи ќе значат повеќекратно влијание на ЕУ и тие опасности ќе бидат елиминирани.